Ахмадинеџад е сè уште лош за Иранците - а сè уште одличен за Израел

Извештајот дека Трамп и Нетанјаху планирале да го инсталираат Махмуд Ахмадинеџад за лидер на Иран всушност говори дека војната што ја почнаа САД и Израел никогаш не била за „ослободување“ на Иранците. Никој повеќе од Ахмадинеџад не му предизвикал поголема штета на Иран на домашната и на меѓународната сцена. Токму затоа бил идеален избор за Израел.

Пред да му објави војна на Иран, Доналд Трамп им изрази поддршка на иранските демонстранти. Неговата намера за „ослободување“ паѓа во вода по новиот извештај на Њујорк тајмс дека планирал за лидер да им го наметне озлогласениот претседател одговорен за едно од најбруталните задушувања на протести во Исламската Република.

Махмуд Ахмадинеџад дојде на власт во 2005 година, благодарение на поддршката од ајатолахот Али Хамнеи. По реизборот во 2009 година нареди брутално задушување на масовните протести на Зеленото движење – кое тврдеше дека изборите биле „украдени“. Според официјални документи, биле убиени 36 луѓе, а според опозицијата двојно повеќе. Над 4.000 Иранци биле уапсени.

Судирите на Ахмадинеџад со врховниот лидер Али Хамнеи и со режимот околу социјални и политички прашања го оставија без поддршката од војската и од милицијата Басиџ, која му помогна во задушувањето на протестите.

Улогата на Ахмадинеџад како водач на државен удар поддржан од Израел и САД почнува да има смисла, од перспектива дека оваа војна не се однесува на ослободување на Иранците, туку на катастрофално слабеење на Иран, забележува Хуман Маџд за The Intercept.

Тешко е да се замисли дека за Израел би бил „добар избор“ иранскиот претседател кој во првите неколку месеци на функцијата изјави дека „Израел мора да исчезне од страниците на времето“ и го оспори Холокаустот. Историјата покажува како позиционирањето на Ахмадинеџад се совпаднало со израелските интереси.

Ставовите на Ахмадинеџад непоправливо го оштетија угледот на Иран. Тој беше благодет за Израел, чии лидери можеа да укажат на „злонамерната природа“ на Исламската Република. Ахмадинеџад беше совршена фигура за иранско страшило кое треба да биде зауздано.
Израел и неговите сојузници во Вашингтон го искористуваа секој збор на Ахмадинеџад - на пример, неговото спонзорство на натпревар за негирање на Холокаустот - и успеаја да ги претворат неговите забелешки во оправдувања за санкции. 

Затоа, дури и во тоа време, а секако и подоцна, во Техеран приватно се ширеа сомневања дека тој всушност бил агент на Мосад, иако никогаш не се појавил цврст доказ. Сега, гласините повторно се засилија по тврдењето дека бил подготвен за водач на пуч, како и поради неговите посети на Виктор Орбан во Унгарија и на Гватемала - сојузници на Израел.

Без оглед дали Ахмадинеџад навистина бил израелски адут - регрутиран или несвесно манипулиран - тој никогаш не бил „светилник на слободата“ за иранскиот народи би се вклопил во сценариото на Трамп. 

САД и Израел немаат идентична визија што сакаат да видат во Иран. Интересите на Израел главно се одвраќањето на Иран, па дури и пропаѓање во држава што не може ниту да го загрози Израел ниту да ја оспори неговата хегемонија во регионот.

САД, од друга страна, постојано се фокусираат на нуклеарниот потенцијал на Иран. И демократската и републиканската администрација посочија дека доколку нуклеарното прашање се реши на задоволство на Вашингтон, Иран би можел да се рехабилитира и повторно да ѝ се приклучи на меѓународната заедница. Тоа би му оставило на Иран потенцијал да прерасне во регионална и глобална сила - нешто на што Израел долго време се спротивставува.

Ахмадинеџад беше тивок пред да се појави во извештајот на Њујорк тајмс. На почетокот на војната, Израел бомбардираше зграда на улицата на која живее, наводно за да го „ослободи од домашен притвор“ или строг надзор. Њујорк тајмс пишува дека стражарите што го чувале биле убиени, а и Ахмадинеџад бил повреден.

Дури и ако еден ден се појави жив и слободен, тој никогаш нема да биде фактор во иранската политика, заклучува Хуман Маџд.

21 мај 2026 - 15:16