А животи на авганистански дечиња, метер ли?

Во само 10 воздушни напади во Авганистан, Американците имаат убиено најмалку 70 деца. Иако борбената мисија официјално одамна им е завршена, лани истуриле рекорден број бомби и гранати врз таа земја - преку 7.000.

Биро за истражувачко новинарство (TBIJ) со одење на терен и соработка со екипи на Ал Џезеира утврдило дека во десет воздушни напади на американската воена авијација или нивните локални сојузници на цели во Авганистан, загинале 115 цивили од кои 70 биле деца. Се работи за напади извршени во 2018 и 2019 година. Шест од нив Пентагон ги води како самоодбрана а за четири бомбардирања немаат  никакво објаснување.

Случаите се документирани со сведоци и материјални докази. Случајот на извесен Бисмила Кан е еден од најтрагичните: во воздушен напад му гинат седум дечиња. Тој и соседите сега се избегани од своите некогашни домови бидејќи не можат да живеат на местото на масакрот.

„Пред бомбардирањето имавме убав живот. Имавме крави и магариња и сето тоа заврши под урнатините. Во телефонот имам една фотографија од мојата фамилија но не можам да издржам да ја погледнам,“ вели Кан.

Никој ја нема преземено одговорноста за сиве овие жртви.

Американската војска има истурено десетици илјади бомби врз Авганистан откако ја окупираше земјата во 2001 година. Агресијата не да не се намалува туку ескалира иако во 2014 година помпезно беше прогласен крај на борбената мисија. Минатата година била рекордна по бројот на испукано врело железо врз Авганистан: вкупно 7.423 парчиња.

7 јуни 2020 - 20:37