Тајмс доаѓа до информации кои покриваат речиси две децении даночни пријави на Трамп, нешто што е рамно на Светиот грал за американските новинари и противниците на Трамп уште од моментот кога тој објави дека ќе се кандидира за претседател во 2015.
Од весникот најавија дека во претстојниот период до изборите (уште околу 5 седмици) ќе објават дополнителни и подетални текстови за документите што ги имаат на располагање.
1. 750 долари федерален данок на приход
Во 2016 и повторно во 2017, Трамп платил само по 750 долари федерален данок на приход, што е помалку отколку данокот што го плаќаат најголемиот дел од Американците (и сиромашни и богати).
Освен овие две години, Трамп во 10 од претходните 15 години, воопшто не платил данок, затоа што пријавил дека изгубил повеќе пари отколку што заработил.
2. 70.000 долари даночни олеснувања за трошоци поврзани со неговата фризура
Парите што ги троши за својата коса се едно од даночните олеснувања што Трамп ги добива за да може на крај од година да плаќа само 750 долари данок. Трамп тврди дека одржувањето на косата му е бизнис трошок заради неговите настапи и ТВ кариера.
Фризурата е само надополнување на трошоците што пријавува дека ги има по основа бизнис (како користење приватен авион).
3. На Трамп бизнисот му оди и како претседател
Откако ја почнува својата кампања во 2015, а и кога станува претседател, дел од бизнисите на Трамп имаат страотен раст на приходи. Месечните приходи на Трамп хотелот во Вашингтон растат од 3,7 милиони долари во декември 2016, на 6 милиони долари во мај 2018.
Приходите за иницијација во Мар-а-Лаго клубот пораснале од 664.000 во 2014 на 6 милиони долари во 2016.
4. Трамп должи многу пари што треба да ги исплати во скора иднина
Трамп има над 400 милиони долари во позајмици што ги земал и други долгови за кои е лично одговорен и треба да ги исплати во следните 4 години. Но доколку тој остане претседател уште 4 години позајмувачите ќе се најдат во непријатна позиција да бараат исплата од претседателот на САД.
5. Трамп последниве години има платено далеку помалку даноци дури и од најголемите богаташи во САД
Иако претпоставката е дека Трамп ги користи стандардните начини за избегнување на плаќање данок, даночните пријави покажуваат дека тој плаќа помалку дури и од останатите богаташи:
„Намалувањето на вкупната сума на федералниот данок на приход што тој го плаќа меѓу 2000 и 2017, во просек годишно изнесува по 1,4 милиони долари. За споредба просечниот Американец од највисоките 0,01% од богаташите платил по околу 25 милиони долари данок на приход во секоја година истиот временски период,“ се наведува во текстот на Тајмс.