Во Британија заебанциите станаа легални

Сатиричните видеа и пародиите во Британија веќе не подлежат на ограничувања во однос на авторските права. Не дека некој им ги бараше на Монти Пајтон на времето, кога ја пародизираа Библијата.

Сатирата и пародијата, според најновата реформа на британскиот закон за интелектуална сопственост, претставуваат исклучок, односно сè додека цитирате стихови од некоја песна, или користите извадок од филм за со нив да се спрдачите, не мора да ги имате подмирено авторските права. Британскиот закон на тој начин се става на иста линија со оној кој важи во САД, а предвидува „фер употреба" на споменатите (и други) материјали. Користењето на делови од комерцијални медиумски производи заради нивна критика значи сега е легално.

Оваа промена е дел од реформите на Законот за интелектуална сопственост која започнала во 2010, а е прва од поголеми размери спроведена оваа година - во јуни најпрвин се олабавија ограничувањата за користење материјали за академски цели. Исто така на лицата со посебни потреби им беше доделено законско право да прават достапни верзии на материјал кој инаку подлежи на авторски права, на пример да произведуваат титлови за некој филм, во случаи кога такви титлови не постојат.

И покрај тоа што јавноста ги поздравува овие промени, една забрана никако да се тргне: сè уште е нелегално да се користат снимки од парламентарни дебати за сатирични цели. Што не значи дека некои хумористи не си наоѓаат начини да си ги шупчат политичарите:

3 октомври 2014 - 16:31