Двајца Пакистанци се осудени на по 3,5 години затвор од тамошниот, номинално наречен анти-терористички суд, заради „претерана употреба на Коранот и друга исламска литература“.
Инкриминирачкиот материјал им бил најден во една полициска рација и тој не би бил проблем доколку осудените не се припадници на Ахмадија, муслиманска верска заедница која преку 125 години има проблеми со официјалниот Ислам. Проблеми од типот убивања, палења куќи и слично.
Џабе што Ахмадија себеси се сметаат за муслимани, ги почитуваат петте столба на Коранот, пророкот Мухамед и цело пакетче Ислам. Проблемот е во еден нивен амандман на приказната, дека Алах на земјава во меѓувреме има пратено уште еден пророк, Мирза Гулам Ахмад, основачот на сектата зачната во 1889 година.
Уште во 1974 година Пакистан Ахмадите ги става надвор од законот прогласувајќи ги за не-муслимани.
А ако си не-муслиман, нема што да читаш литература за муслимани.