Ставот на О.Н. се базира на нивен извештај од 2010-та според кој на исхраната базирана на животински производи отпаѓа 70% од глобалната потрошувачка на свежа вода, 38% од искористените земјоделски површини, и 19% од сите издувни гасови. Како решение на ова тие препорачаа префрлување на исхрана во која има поголема застапеност на растенија.
5 години подоцна, Карнеги Мелон Универзитетот го објавува извештајот Environment Systems and Decisions, чие главно тврдење е дека вегетаријанската исхрана многу повеќе придонесува кон влошување на климатските промени отколку стандардното сеопфатно мени. Тие дополнително предупредуваат дека новите официјални препораки на американската влада (да се јаде помалку месо, а повеќе овошје, зеленчук и морско) ги тераат граѓаните несвесно да трошат повеќе ресурси, и ова создава повеќе "издувни гасови по калорија."
Клучниот концепт на студијата е бројот на калории.
Нивната логика е дека е сосема јасно дека одгледување свиња троши многу повеќе ресурси отколку одгледување неколку главици зелена салата. Меѓутоа 10 килограми свинско ќе нахранат многу повеќе луѓе отколку 10 килограми зелена салата. Односно треба да изедете многу повеќе од зеленото за да се чувствувате најадени како од свинско.
Почетниот мотив на истражувачите е да измерат како американската епидемија на дебелина влијае на околината. Откако ги измериле сите фактори (а гледале да бидат што е можно подетални) добиле резултати кои не одат во корист на зелените крсотносци.
"Јадењето зелена салата е три пати полошо во однос на емисија на штетни гасови отколку јадењето сланина. Најголемиот број зеленчуци бараат многу повеќе ресурси по калорија отколку што мислите. Модриот патлиџан, целерот и краставиците, изгледаат посебно лошо кога ќе ги споредиш со свинско или пилешко," објаснил професорот од Карнеги Мелон, Пол Фишбек.
Ова не е повик за конечна пресметка со сите резерви на свинско, прасечко и чварки што ги имате дома (за тоа ја имаме Нова година и последователното големо товење), меѓутоа ако целото месо го замениме со овошје, зеленчук, млеко и морска храна, штетните гасови ќе пораснат за 6%, потрошувачката на вода за 10%, а потрошувачката на енергија за 38%.
П.С Тоа што месото е здраво за Земјата, не значи дека е здраво и за тебе.