Салоните за масажа - или за тие што не се по еуфемизмите: борделите - во Бангкок нелегално испумпуваат толку многу подземна вода за џакузирање, бањање и плакнење, што директно придонесуваат за тонење на градот – и тоа по стапка од еден сантиметар годишно.
Поранешен мега газда на вакви салони за масажа кој подоцна влезе во политика (знае човекот кај има повеќе курви) објаснува дека борделите користат подземни води поради нивните огромни потреби, кои доколку би ги задоволувале легално, би ги чинело цело богатство.
Математиката е јасна: секоја спа-просторија бара 1000 литри вода за сеанса а секоја просторија во просек се користи три пати во една вечер. Повеќето салони имаат околу 100 соби, што му доаѓа околу 300.000 литри вода за еден салон, за само една вечер. Официјално, во Бангкок официјално има 120 регистрирани „салони за масажа”, но вистинската бројка е многу поголема.
„Замислете само колку треба да платат за вода? Многу е!,” вели Чувит Камолвист (на сликата), полн со разбирање за своите поранешни колеги кои некогаш вадат вода и од 100 метри под земја.
Бангкок инаку се држи на глина но таа мора да ја задржува својата влажност, инаку се суши и станува подложна на спуштање.
Некои области од градот се веќе под нивото на морето а главниот и крајно непријатен заклучок од едно остражување од пред две години нарачано од тајландската влада е дека Бангкок може да потоне за помалку од 15 години.
Самиот град има 8 милиони жители, речиси 5000 високи згради, 9 милиони возила, патишта, железничка мрежа... и продолжува да се гради со огромна брзина. Претераната урбанизација спречува водата да истече каде што треба, што предизвикува поплави, како што и се случи во 2011, кога градот доживеа една од најужасните поплави во неговата историја а делови од градот со месеци се наоѓаа под вода. Тогашните штети беа проценети на 40 милијарди долари.