Јосип Броз Тито во Бомбашкиот процес 1928-ма ја кажа легендарната реченица: "Не го признавам овој суд, го признавам само судот на мојата партија".
И го репнаа 5-6 години во Лепоглава.
Ричард Мастен го признава американскиот суд, но, не до толку да му верува.
Затоа, за да не дојде до судијата она што беше барано од него, го направи ова:
Мастен е директор на Miami-Dade Crime Stoppers, цивилна организација во еден мајамски округ која е заинтересирана за намалување на криминалот во областа па за таа цел соработува со заедницата, полициските сили и медиумите.
Во судски случај за поседување кокаин, Мастен бил повикан да ги сподели сознанијата кои ги имаат. Тој и организацијата имале дојава за случајот која била анонимна а и судијката го уверувала дека воопшто не е битен идентитетот на информаторот.
Сепак, за секој случај, тој реши да ја изеде дојавата која му била барана.
"Ние им ветуваме на луѓето кои ни доставуваат информации што помагаат да се решат убиства и сериозни криминали дека секогаш можат да ни се јават и да бидат сигурни дека ќе останат анонимни и дека ништо што ќе ни доверат нема да биде компромитирано," изјави Мастен образложувајќи дека довербата на луѓето му е побитна од каква било судска наредба.
Судијката оцени дека вакво непочитување на угледот на судот и недоверба во институциите не можат да се премолчат па реши тој да биде задржан сè додека не реши дали ќе го прати на издржување затворска казна.