Парадоксот на Генерацијата З

Припадниците на Генерација З, оние родени од 1997-ма до 2010-та, по сопствено убедување се многу либерални, се залагаат за сечии права и разумно ги проценуваат тешкотиите во животот. „Единствен“ проблем што го имаат е што не трпат некој да мисли различно од нив. 

Истражување открива дека има пораст на млади „илиберални прогресивци“ или „јипици“ кои имаат либерални ставови само што немаат толеранција за луѓе што мислат различно.

Еден од четворица млади на возраст меѓу 13 и 24 години, признава дека нема многу разбирање и трпение за оние што имаат поинаков став од неговиот.

Истражувањето спроведено во име на британски Канал 4 открива дека денешните млади се всушност помалку либерални во споредба со нивните родители, дедовци и баби. 

„Постои очигледен јаз помеѓу нетолеранцијата и нивното декларативно залагање за сечии права и слободи. Ова веројатно е сосема рационална реакција на конфузниот онлајн свет во кој тие живеат,“ вели извршниот директор на Канал 4, Алекс Махон.

Иако себе се сметаат за факели на слободата, речиси половина од младите се убедени дека некои луѓе заслужуваат да бидат канселирани; тоа го мисли само една третина од постарите од 25. Дека постојат само мажи и жени мислат помалку од половина од копиљаците. 68% е процентот кај постарите. 

Студијата открива дека генерациските недоразбирања сепак не се толку големи, имајќи предвид дека тројца од петмина „зумери“ се угледуваат на своите родители. 

Значајна разлика меѓу генерациите е прашањето во која мера социјалните медиуми влијаат врз проблемите во животот.

Над половина од постарите од 25 години, чувствуваат дека социјалните медиуми им прават најмногу стрес. Помладите од нив сметаат дека „цената на живеачката, недостатокот на можности за домување, неизвесноста околу иднината и притисокот да се биде успешен и секогаш убав“ повеќе им ги абат нервите. 

Студијата сугерира дека Генерацијата З може да стане „најпогрешно сфатената генерација во историјата“, заради мноштвотото погрешни претстави за нив.

4 ноември 2022 - 11:10