Оваа учебна година, голем број дистрикти во САД одлучија да ги елиминираат казните за доцнење со задачи и проекти. Неодамнешен едиторијал во Лос Анџелес Тајмс тврдеше дека овие реформи ќе им помогнат на наставниците да ги оценат „вештините и знаењата што ги стекнале учениците и колку добро размислуваат“ и да го заменат системот што ги ставал „обоените ученици и оние од домаќинствата со пониски приходи во нрамноправен натпревар“(?).
„Овој нов систем е познат како „оценување засновано на стандарди“ но се работи за сосема погрешно име бидејќи тој всушност ги уништува стандардите“, пишува американскиот професор Август Мејрат во австралиски Килет. „Тоа не е дури ни оценување, тоа е начин да се избегне оценувањето што овозможува инфлација на оценките, затапување и елиминација на одговорноста“.
Но, тоа е веќе реалност, а прогресивните едукатори инсистираат дека системот функционира добро.
Системот се базира на апсурдната претпоставка дека учењето и вештините се апсолутно независни од поминатото време. На тој начин се губи поентата на сите тестови, писмени задачи и дневни/неделни проверки на знаењето.
Кога на учениците им се дозволува да ги носат писмените дома, на нив да потрошат време колку што сакаат и притоа да добијат помош од секого и од било што, би требало да е јасно дека вредноста на така извршената работа е намалена. Тоа е ако ученикот воопшто ја заврши работата бидејќи овој систем овозможува, наместо минус/кец да се добие алтернативна задача која теоретски ги покрива бараните знаења за одредена единица.
Поедноставено, ако студентот преспал два проекти и есеј, со еден краток пасус во кој ќе ги спомне релевантните термини, може да добие оценка дека „го совладал стандардот“.
Втората претпоставка е дека досегашното оценување неправедно фаворизира одредени ученици, а дека некои ученици едноставно не можат да стигнат поради нивната раса или класа.
„Но како? Ученици во иста училница со ист наставник имаат иста можност да ја предадат својата работа. Некои се придржуваат, некои не. Наместо да се смисли охрабрување за оние со пониски резултати, елиминирањето на времето и нудењето бесконечно повторување на задачите, само ги зајакнува и оправдува лошите навики,“ пишува Мејрат.
Тој проценува дека оваа најнова прогресивна импровизација во образованието ќе го изеде школството одвнатре. Некои професори веќе ги заменуваат знаењата за Хомер, Шекспир и слични столбови на цивилизацијата со задачи да се прераскаже некој прозаичен текст или да се прокоментира некој анимиран филм.
Учениците прават малку, научуваат малку, ама, добиваат оценки.
„Тоа дополнително ги фрустрира наставниците кои денес едвај успеваат да одржат некаква нормалност во училниците,“ вели еден друг средношколски професор.
Ако треба да се добие воедначено знаење, тоа не треба да се воедначи на ниво на најслабите. Оние што се склони кон забушавање, секогаш ќе најдат начини да забушаваат уште повеќе, што само ги обесхрабрува оние ученици кои сакаат да напредуваат, бидејќи се чувствуваат како последни будали.