Мажите не треба да имаат стомачни како на 300

Како што секогаш сме биле подготвени да застанеме против лошите примери и тенденции кои можат да завладеат во општеството (вегетаријанство, анти-глутен движење, брокула, соја...) така и сега мора да направиме нешто на тема - стомачни мускули кај мажи.

Слично како што играчките, магазините, телевизијата и филмовите имаат создадено погрешна претстава кај жените за тоа како треба да изгледаат, така и мажите почнаа да се јадосуваат и да се стремат кон примерите што ги гледаат во филмови како 300 или списанијата за вежбање.

Во 2006-та паралелно со филмот 300 и Спартанците со апсурдни стомачни, се појави и програмата за вежбање под име 300. Ова е истата програма по која вежбаа актерите на филмот за да изгледаат како што изгледаа, а во основа се сведуваше на 300 повторувања од различни вежби без никакви паузи. Она што го нема во програмата е дека актерите вежбаа цели 4 месеци, по 5 дена неделно, 6 часа на ден, пред да се стават на овој режим, и само еден од глумците, Ендру Плевин, успеал да ја заврши од почеток до крај. Џерард Батлер призна дека по снимањето на 300, цела година не можел да вежба затоа што програмата физички го истоштила.

Пореметувањата кои момчињата ги имаат со тежина најчесто се игнорирани од родителите, докторите и наставниците, бидејќи нивните симптоми се поразлични од она што се случува кај девојчињата. Додека кај девојките фокусот е на прегладнување и повраќање со сила, кај мажите ова се манифестира со опсесивно вежбање и земање суплементи кои не се дозволени за нивна возраст, со цел да станат што е можно поголеми.

Моментално просечното момче сака да качи околу 6 до 12 килограми мускулна маса и да намали 3-4 проценти од телесните масти.

12 март 2014 - 13:03