Купувањето избори е хуманитарна работа?

Сериозно тешка група американски милијардери пред некое време обзнанија дека половина од богатствата ќе ги дадат за некоја хумана работа. И,  некои од нив почнаа да вбризгуваат пари во изборни кампањи.

 

40 американски мулти-милијардери пред 5 години се здружија и решија, пред да умрат, половина од своите богатства да ги дадат за добротворни цели. Од 2010-та година, друштвото Giving Pledge порасна на преку 120 потписници од редот на најбогатите луѓе во САД.

Еден од нив, од тој свој хуманитарен буџет пред две години одвои 47 милиони долари за изборната кампања на Демократите. Оти биле еко- френдли. Не кажуваат колку, но во 2016-та Том Стејер планира да ја поддржи Хилари Клинтон иако таа сè уште не се изјаснила за неговиот најомразен проект Кистоун Пајплајн, нафтоводот меѓу САД и Канада, односно неговата најавена последна фаза во која треба да е дуплиран.

"Во демократија, влијанието врз јавните работи за да се подобрат животите на идните генерации често бара вклучување во политиката. Така тоа го гледа том" вели главниот соработник на Стејер.

Негови архи- непријатели се ултрабогатите браќа Коч (4-ти и 5-ти на топ листата најдебели вратови) кои пак великодушно ги поддржуваат Републиканците, бидејќи овие се залагаат за помалку државни интервенции. Само што тие своето политичко спонзорство не го прикажуваат како филантропија. Обете страни се обвинуваат дека политичките инвестиции другата страна ги прави од чисто лукративни побуди.

Во тек е голема дебата околу тоа прашање: дали кеширањето во партии и политичари кои ветуваат дека ќе се залагаат за некоја благородна кауза може да се смета за хуманитарна, добротворна и филантропска акција.

Инаку, потписниците на Giving Pledge заедно тежат преку 600 милијарди долари. Пре две години, една организација обелодени дека деветмина од најголемите 50 донатори, своите најголеми чекови ги потпишале за нивни семејни хуманитарни фондации.

"Секој е слободен да ја поддржува каузата која ја одбрал, макар таа била и политичка. Само, нека не го нарекуваат тоа филантропија", вели портпаролот на една непрофитна организација.