Градските власти на Рим секоја година имаат се поголем и поброен проблем со туристи, посебно со оние што веруваат дека илјадници години старите споменици се тука за нивни егзибиции.
Во разговор за Њујорк тајмс, полицајците што ја чуваат фонтаната Треви кажуваат дека само во последниве два месеца имаат над десетина инциденти.
Во април маж влегува гол да се бања во фонтаната, фатен е и казнет 500 евра. Истиот месец 30 годишен шпански турист влегува во фонтаната облечен во долга туника, 60-годишна Германка оди на утринско бањање а двајца Данци се казнети со 900 евра затоа што си миеле нозе во фонтаната на Двете мориња, на римскиот плоштад Венеција.
Во мај Данка репризира сцена од филмот Сладок живот и плива во Треви облечена во својот фустан, а неколку дена претходно ова го прават и две Американки. Меѓу престапниците има и 30-годишен Малезиец кој се бања во Фонтаната на четирите реки, затоа што му станало топло, и чешки уметник што во Фонтаната на лавовите ја пере својата черга.
И покрај ваквите инциденти, најчест прекршок на туристите (и најголемо трошење време на полицијата) е тоа што мислат дека можат да седат на работ од фонтаните.
За одвикнување на туристите од недомаќинското однесување со римските споменици сите казни во Рим до октомври се со повисока тарифа.
Од друга страна предлогот на италијанскиот министер за култура е да се ограничи бројот и максималниот капацитет на луѓе што можат да ја посетат фонтаната: "не може да имаш 50.000 луѓе кај фонтаната Треви".
Годишно, градските власти од фонтаната вадат над 1 милион евра во парички. Парите топтан се предаваат на католичката добротворна организација Каритас.