Камерон најде начин да ќари на Брегзит

Не би бил политичар ако не би му текнало како и својот најголем пораз да го претвори во лична корист. Дејвид Камерон наплаќа 120.000 фунти за едночасовен говор за Брегзит. Тоа се 2.340 евра за минута.

Иако резултатот од референдумот за излегување на Велика Британија од ЕУ ја запечати неговата политичка судбина, поранешниот премиер на таа земја сега ги залечува своите рани со пари од држење лекции токму за Брегзит.

Неодамна на една њујоршка компанија за недвижнини ѝ наплатил 120.000 фунти за 60 минутно предавање на таа тема. Тоа се 2.000 фунти за една минута мудрости.

За споредба, неговата редовна  плата како премиер на Велика Британија изнесуваше 143.462 фунти.

Годишно.

По поразот во политичката арена тој тргна по стапките на неговиот колега Тони Блер кој е шампион за тезгарење (во Македонија беше говорник, во Албанија советник...), кого оваа вештина го направи тежок околу 60 милиони фунти.

Заедно со некогашниот коалиционен партнер Ник Клег, Дејвид Камерон најмил агенција која ќе му ги менаџира ваквите активности кои одат од држење говори, консултантски услуги или обично - како Кардашијанки - појавување на настани. За последново, да го појави суратот на ивент, наплаќа 35.000 фунти, пишува Индипендент.

Сепак, британските политички пудлици се шала во однос на нивните американски идоли. Само во тек на една година, Бил Клинтон за 72 говора инкасирал 16,3 милиони долари.

17 ноември 2016 - 19:24