Иако „Движењето“ се врзува во Бенон, тоа всушност е зачнато од белгискиот политичар Микел Модрикамен, првиот човек на белгиската Народна партија, мала партија со околу 5.000 членови. Модрикамен моментално е и раководител на движењето задолжен за секојдневното функционирање. Во Белгија Бенон има поддршка и од Филип Девинтер од крајно десната Фламанска партија, кој освен стандардните анти-глобалистички забелешки, посебно е фокусиран на спречување на исламската миграција во Европа, „имиграција која доаѓа од муслиманските држави“.
Освен Салвини, меѓу италијанските фанови на Бенон е Џорџа Мелони, лидерка на Браќата на Италија, некогаш нео-фашисти сега фино ребрендирани во крајна десница. Очекувањето на Бенон за италијанските партнери, како и за другите, е дека со тек на време токму тие ќе станат меинстримот во Европа.
Меѓутоа надвор од овие неколку примери (плус Салвини), Бенон целосно издиша во обидите за ширење низ остатокот од Европа: од Унгарија, до Франција и Германија, па се на север до Финска.
Репортажата на Гардијан, стратешки прошарана со секој ќелав белец што им наишол додека ги тераат неколкумесечните интервјуа со Бенон, забележува дека Американецот е прилично слабо препознаен од обичниот симпатизер на неговите партнери, но затоа секој негов потег добива нескладно многу медиумско внимание.
Дополнителен проблем за Бенон на патот кон глобално десничарско делување се и законите во најголемиот дел од земјите каде што тој не успева да пробие, а се со сериозна десничарска наклонетост (Австрија, Полска, Германија, Франција...), кои забрануваат секаква позначителна помош од странски организации на локални партии за време на изборите. И тоа под помош во овој случај не се подразбира само истурање милиони долари во партиските или изборните буџети, туку ишарети како споделување податоци од анкети.
Сума-сумарум сето ова го сведува походот на Бенон на Европа на соработка само со Герт Вилдерс крајниот десничар од Холандија (и Италија најави дека наскоро ќе воведе закон кој забранува странско мешање во изборите). Што вика Бенон вака неклиматичниот крај на походот?
„И тоа е почеток.“