250 години САД;

Горди се што се Американци, ама не се баш сигурни зошто

Нова национална анкета во САД открива воочлив парадокс во јавното расположение за 250-годишнината од Америка: јаз помеѓу силната патриотска гордост на Американците и нивниот недостаток на основно граѓанско знаење од општа култура за својата земја. Пола од нив и не знаат што се оние 250 години што Америка деновиве ги слави.

Според анкетата на либертаријанскиот тинк-тенк Институт Като спроведена кон крајот на јуни, 86% од испитаниците рекле дека се благодарни што се Американци, а 70% веруваат дека основачките принципи на нацијата остануваат релевантни.

Сепак, речиси половина од Американците (46%) не знаат дека 250-годишнината од Америка го одбележува усвојувањето на Декларацијата за независност.

Оваа граѓанска неписменост се однесува и на основните принципи на државата и владеењето: речиси 60% не знаат дека главната цел на уставот на САД е да ја ограничи моќта на власта и не знаат зошто колониите прогласиле независност од Велика Британија.

Сондажата открива и длабока загриженост за иднината на американската слобода. Мнозинството од анкетираните веруваат дека земјата отстапила од своите основачки принципи, а повеќе од половина се плашат дека САД би можеле да престанат да бидат слободна земја во следните 50 години, наведувајќи ја корупцијата и злоупотребата на моќта како главни закани.

Мнозинството и од републиканците и од демократите ги делат овие стравови.

Загриженоста е особено изразена кај испитаниците од генерацијата З, кои покажаа и најниски нивоа на граѓанско знаење и најмалку познавања за основањето на нацијата.

„Недостатокот на граѓанско знаење е катастрофален“, вели професорот по историја и американски студии од Стенфорд, Џек Раков. „За да успее, секој демократски систем на владеење треба да се потпира на информиран електорат“.

Причината за проблемот се гледа во фрагментираниот медиумски пејзаж и образовната насока по која приоритет им се дава на STEM предметите (наука, технологија, инженерство, матемаматика) пред граѓанското образование и историјата.

 

4 јули 2026 - 11:28