Излезе што излезе и сега со слична увереност како и за изборот на Трамп, Мајкл Мур зборува за својот план да го собори американскиот претседател. Според него главна слабост на Трамп е неговата "многу, многу, многу тенка кожа", а главната алатка на Мур ќе биде "ненасилна комедија" во форма на полу-импровизирано шоу на Бродвеј под наслов Условите на мојата капитулација.
Шоуто ќе има изведба еднаш на ден, и во него Мур ќе го дава својот коментар на дневните настани и вести, а најави и присуство на специјални гости. Мур вети дека за Трамп ќе има и трајна резервација доколку тој или Пенс одлучат да дојдат и да го изгледаат шоуто.
Во разговор за Џи кју Мур објаснува дека се чувствува дека ова треба да е неговиот придонес во борбата против Трамп, а ако ништо друго барем да и приреди на публиката 90 возбудливи минути, што само по себе го заслужува целиот труд што го вложил.
Причината зошто се решава на формата бродвејско шоу, наспроти досегашните документарци, е дека овој пат има крајно непредвлидлив противник, кој секој ден кажува нешто ново и неочекувано.
"На пример, вечерта кога реши да лансира 59 Томахавк ракети во Сирија, тој повеќе зборуваше за одличната чоколадна торта што ја јадел. Па може да се случи - ова го измислувам во моментот - следната вечер, сите што се кај мене на претстава да добијат по едно мало парче чоколадна торта, за да ја прослават важноста на американската чоколадна торта во борбата светот да стане подобро место," објаснува Мур.
Според него процесот на симнување на Трамп започнува со менување на доволен број републиканци од американскиот Претставнички дом (на следните избори), ова ќе исплаши доволно од преостанатите републиканци што тие ќе почнат да му откажуваат лојалност и ќе почнат да го гледаат како главна закана за нив. Заради сето ова тие самите ќе го решат Трамп.
За планот да почне да се одвива, прво гласачите треба да одат на јавните средби со своите претставници и да ги испитуваат нивните одлуки, или тие самите да се кандидираат за политички функции.
Во однос на непредвидливоста на Трамп, Мур за време на едно телевизиско интервју беше запрашан "сигурно навиваш за Трамп во однос на Северна Кореја", на што тој одговара "Не":
"Ако возам по автопат, и ме претрка 6-годишно дете што вози кола - јас нема да помислам 'ќе навивам за детево!' Нема да навивам за 6-годишно дете што вози кола, без разлика колку време успева да се задржи меѓу лентите на патот. И денес ја имаме истата ситуација. Нема навивање тука, затоа што нема за што да се фатиш. Во што верува тој? Човекот нема систем на верување. Освен што верува во Доналд Трамп. Земјава не е основана на идеологија на верување во Доналд Трамп."