Почнувајќи го текстот со нешто што може да биде упатство за создавање на радикален муслимански терорист од нормален човек, Меди Кровел во Атлантик пишува за Давид Вала.
На кратко, Вала е роден Французин и по мајка и по татко, и тоа во секуларно семејство. Нешто кратко по неговиот 19-ти, а ова е некаде на почетокот на 1990-те, тој решава да ја смени верата и да стане муслиман. По негови зборови, тој има "егзистенцијална криза" и новата вера му помага да го смири неговото "лошо однесување".
Кратко време по префрлањето во Ислам, Вала во 1992-ра решава да се пријави во француската армија, каде по одредено време обука и служење бара да биде дел од меѓународните мировници испратени во БиХ, "за да ги заштити босанските муслимани." Како дел од меѓународните сили тој на фронтот во Босна се среќава со саудиски и катарски борци, на кои им се восхитува на моментумот и храброста. Попатно тие го учат дека ако стане вистински муслиман, не е важно дали тој ќе живее или ќе умре - бидејќи Алах ќе го чека во рајот. За време на службата во Босна тој станува и пријател со неколку припадници од Вооружената исламска група (ГИА) кои сакаат да ја префрлат "алжирската граѓанска војна на француска почва". Новите пријатели му објаснуваат дека ако сака да стане вистински маченик тој мора "самиот да се подготви". Двајца од луѓето што ги запознава во Босна, подоцна се обвинети за организирање на бомбашките напади во Париз во 1995.
Кога од мировната служба во Босна се враќа во Франција во 1994, Вала почнува да ја посетува салафистичката џамија што му е препорачана од луѓето од ГИА. (Салафизмот е ултраконзервативен и фундаменталистички правец на Исламот, познат како расад на џихадисти.) Во џамијата Вала е учен дека денешниот Ислам е "припитомен производ на колонизацијата, и дека вистинскиот Ислам е оној на борците, жртвувањето и крвта, а секој што ќе им се спротивстави на џихадистите мора да биде уништен." Попатно тој почнува да го чита Куранот и да учи арапски.
Не се поминати ни неколку месеци откако раскрстува со униформата на мировниците и француската армија, Вала ја напушта Франција и заминува за тренинг кампот на ал-Каеда во авганистанскиот град, Халден. Таму вежба со регрути на терористичката организација од цел свет.
По 10 месеци на обука во странство Вала се враќа во Франција, не кај родителите туку кај еден Алжирец што го запознава во една салафистичка ќелија во близна на Лион. Работејќи како помлад оперативец на ал-Каеда, тој се подготвува да се врати во Босна како дилер на оружје и да загине за Алах "како Американците во Нормандија". Она што му ги менува плановите е што еден месец по бомбашките напади во париското метро од 1995 (8 мртви, 100 повредени), француските власти организираат рација на ќелијата во која членува Вала и го апсат несудениот џихадист. Властите се изненадени што меѓу уапсените е и роден Французин, па бараат и од мајка му да докаже дека тој не е нелегален алжирски мигрант.
Изолиран од џихадистичката околина и заглавен во затвор на 5 години, Вала признава дека почнува да ја преиспитува сопствената идеологија. Казната ја минува во читање книги и студирање француска литература, историја, филозофија и грчки класици. По четири години затвор тој излегува "комплетно депрограмиран", и тврди дека од тогаш до сега никогаш се нема вратено на џихадот. Ова го потврдува прво фатвата против него од ГИА во 1995, а потоа и фатвата од ИСИС од минатата година.
Моменталниот попис на терористи во Франција покажува дека во затворите во земјата има 350 "исламистички терористи", дека 5.800 лица се под полициски надзор, а дополнителни 17.000 се обележани како потенцијална закана. Од 2015 до денес во Франција од тероризам загинаа 240 лица.