Комисија на Врховниот суд во Илионис организира комплетно повторување на постапката по која Мери Тод беше прогласена за непресметлива. Ја интересира како тогаш употребените аргументи би минале денес. Правата дама на САД и нејзиниот син кој е вториот клучен човек во овој процес ќе ги играат актери, познати и искусни судии ќе им бидат адвокати а публиката (билетите веќе се продадени) ќе бидат порота која ќе треба да донесе нова пресуда.
Ретко кој спори дека Мери Тод била депресивна. Имала доста причини за тоа. Во 1862 година го губи едниот син, три години подоцна се случува атентатот врз Абрахам a подоцна уште еден син умира од запаление на белите дробови.
Останува со синот Роберт и токму тој од Судот бара да и биде одземен целиот имот и да биде прогласена за луда. Тоа и се случува по што таа е испратена во санаториум.
Мајката не се откажува од правната битка и тврди дека синот ја сместил во лудница само за да ги преземе семејните финансии. Сепак, факт е дека во кршлива психолошка состојба, Мери Тод често посегнувала по сеанси за да комуницира со своите починати блиски.
"Дури и денес историчарите не се согласни околу тоа дали доказите против првата дама биле надувани и дали била запазена целата постапка. Ќе биде интерeсно да се види што новите модернизирани здравствени закони ќе кажат за истите факти од пред 150 години", соопштува Музејот Линколн кој е еден од организаторите на повторениот процес.