Головкин - Канело

12 рунди спектакуларен бокс помрачен од судиите

Во саботата вечерата во најочекуваната боксерска борба во последнава деценија Генадиј Головкин и Канело Алварез влегоа во ринг и без тронка жалење, чување и пазење приредија 12 рунди непрекинат бараж од директни удари, аперкати, ескиважи и севкупно врвен бокс за гледање. На крај, во моментот кога судиите требаа да ја дадат својата оценка и да го прогласат победникот, одлучија дека борбата завршила нерешено, без победник, што беше дочекано на волеј од речиси комплетната публика и боксерски експерти.

Иако изедначен меч, без застрашувачка надмоќ од која било страна, консензусот меѓу експертите, боксерите и новинарите е дека победник на мечот е Головкин, кој цело време ја води борбата и напаѓа. Ова не значи потценување на Канело, кој приреди фешта од удари, напади и одбрана, и покажа неверојатна брзина и моќ, заради која Головкин цела борба цимаше и ги прекратуваше своите напади, стравувајќи дека некој од следните удари на Мексиканецот ќе биде последно нешто што ќе види вечерта.

Во првите три рунди Канело отвора со брзи и остри комбинации и удари во тело. Меѓутоа во следните две четвртини Мексиканецот мораше да се повлече заради заморот кој е последица на нестандардно брзата борба во комбинација со стратешкиот притисок и моќта на разорувачките удари на Головкин. Во изминатите години, сите оние што успеаа да избегнат нокаут од Головкин последните три рунди обично едвај ги преживуваат и ги тераа само колку да не им се брои нокаут. Изненадувањето за Казахстанецот беше што Канело сосема стабилен влезе во последната четвртина, успеа да се тргне од јажињата и да се избори за борба во центарот на рингот, притоа испорачувајќи повеќе моќни удари во вилицата на Головкин.

Головкин во мечот влезе со намера да покаже дека е најдобриот боксер во средна категорија на денешницата. Канело без ништо помалку пожртвуваност влезе со иста замисла. Самоувереноста во својата победа и двајцата боксери ја покажаа со самото тоа што одлучија да ја прифатат меѓусебната борба во моментот кога противникот е во врвна форма, наместо да се чекаат години тој да издише или никогаш да не сретнат. Двајцата беа подеднакво достојни на својот збор и во ринг, каде без жалење се искинаа од боксување и приредија една од најдобрите борби на сите времиња.

Кога мина 36-минутната фешта и дојде ред на судиите, одлуката беше - мечот нема победник. Публиката во салата и новинарите инстантно беа избезумени со ваквиот исход.  Еден судија гласаше дека победник е Канело, еден за Головкин и еден дека е нерешено, или конкретно по поени: судијката Аделаида Бирд одлучи дека борбата е 118 - 110 за Канело, Дејв Морети ја пресуди 113 - 115 во корист на Головкин, а Дон Трела даде нерешено 114 - 114.

По ваквата одлука целиот гнев околу резултатот од борбата падна на Бирд, и распонот на бодови што му го дава на Канело, кој според нејзе победил во 10 од вкупно 12 рунди, предност со која речиси никој што го гледаше мечот не може да се согласи.

Ваквата одлука не е толку страшна за двајцата боксери кои сега најверојатно ќе договорат реванш за следната година, кој и онака ќе го имаше без разлика кој победил. Одлуката прави проблем општо за боксот, кој по залетот што го доби од Кличко - Џошуа, преку планетарното внимание за Мејведер - Мекгрегор, сега, за време на најголемата и крајно фер истерана борба ја покажува својата најголема слабост и најголем проблем - неможноста да се отараси од обвиненија за корупција, пресметливост и заинтересираност само за пари.

Реакции на одлуката:

Амир Кан и Гери Локет


Стивен Смит (ЕСПН)


Макс Келерман (ЕСПН)


Џо Роган


Пресот на Головкин по мечот:


Пресот на Канело по мечот: