Зошто деца уште во основно треба да учат бокс

Млитавите, од интернет оштетени деца, од боксот само можат да зацврстат и да добијат лекции по посветеност и само-контрола, и затоа е потребно негово враќање во училиштата како спорт.

Боксот е добар за тебе.

Без разлика дали имаш 15 или 50 години, основниот тренинг потребен за боксирање - процес што Џојс Карл Оутс го нарекува "фантастично потчинување на самиот себе" - ќе те направи бескрајно физички поподготвен од кога и да било.

Не можеш да боксуваш без да бидеш физички спремен, исто како што не можеш да пливаш без да се намокриш. Ништо не можеш да удираш 3 минути - голема вреќа, крушка, а не па друг човек - без да имаш високо ниво на крадиоваскуларна кондиција. Ништо не го активира срцето и не ја раздвижува крвта и ги одзатнува вените како боксувањето.

И нема да можеш да издржиш сериозен удар во стомак ако имаш мек мев полн со пиво. Боксот познава бескраен избор на стомачни вежби, и ќе правиш подеднакво многу абдоминални вежби како на кој било час по јога или пилатес. Боксот го убива твојот пивски стомак, и ги буди стомачните мускули.

Мораш да му се посветиш на боксот. Не може да го вежбаш само кога така си расположен. Боксот не е како скијање или нуркање - не е нешто што го правиш еднаш годишно на одмор. Боксот не е ни како фудбал или тенис - не можеш да го вежбаш повремено само на убав сончев ден. Боксот - дури и стриктно аматерскиот, на рекреативно ниво - бара посветеност, дисциплина и цврстина.

И еве што е посебно околу тренирањето бокс - твојата физичка подготвеност е само почеток. Боксот во суштина повеќе е за твојата ментална подготвеност. Затоа што боксот те смирува. Боксувањето те учи на контрола. Боксувањето ти ја лечи главата. Боксувањето создава почит - за други и за тебе. Вежбањето бокс често пати привлекува диви момци, лоши момци, агресивни мажи - ама сите тие учат, веројатно уште во првата нивна лекција, дека едноставно не можеш да боксуваш без самоконтрола.

Боксувањето го менува човекот.

И ако во нашите училишта има часови во боксување, тогаш боксот ќе може да го промени светот.

Што може да ги спаси оштетените деца на интернетот? Секоја постара генерација секогаш очајува околу помладата генерација. Меѓутоа во нашето предебело, со порно заситено дигитално доба, малку очај изгледа е на место.

Денешните млади се осудени на пропаст - дебелејќи се од брза храна и годините потрошени на својот задник, оглупавени од постојаното титкање на смартфоните, а нивната сексуалност кастрирана и извртена од константната консумација на хардкор порно.

Што може да ги спаси? Само боксувањето.

Само боксувањето може да ги зацврсти, само боксувањето може да ги врати во физичкиот свет, само боксувањето може да ги потсети дека тие имаат тело, кое содржи глава и срце, само боксувањето може да ги разубави и да им најде девојка.

Кутри, бескорисни деца! Наводно поповрзани со светот од која било генерација од човековата историја, а сепак безнадежно исклучени од светот на мускули и крв. Младите не носат ножеви затоа што мислат дека се силни. Носат ножеви затоа што се слабаци, затоа што се исплашени, затоа што се ужаснати. Бидејќи не боксуваат. Ако на училиште предаваа боксување, сето ова - дебелината, зависноста од порно, нервозните ножеви - би исчезнале преку ноќ.

Боксувањето некогаш се учеше во британските државни училишта. Спротивно од она што можеби го помислувате, тоа никогаш не беше забрането, туку едноставно замре некаде во времето околу првиот лонгплеј на Битлси.

Боксувањето никогаш не беше забрането во британските училишта и покрај огромните напори на докторката и пратеничка од лабуристите Едит Самерскил, чија анти-бокс кампања кон крајот на 50-те и почетокот на 60-те доби широка поддршка ама изгуби со неколку гласови во Долната куќа на Парламентот. Гласовите можеби беа против Самерскил, ама духот на тоа време беше во нејзина корист. Сеќавањето на војната почна да бледее. Задолжителниот воен рок заврши. Машките вредности стануваа старомодни. Голем број од луѓето веруваа дека боксувањето во улиштата е оставина од многу понасилното минато.

Боксувањето престана да се предава во училиштата во 1962. Иако Департманот за образование не наведува кои спортови треба да се предаваат како дел од националната образовна програма, ако момче сакаше да научи бокс по 1962, тоа требаше да се приклучи на боксерски клуб - и со тоа осигурувајќи дека боксувањето ќе го учат само момчињата кои и онака веќе беа спортски настроени, агресивни и не уплашени. Момчињата на кои тоа најмалку им требаше.

Ова беше генералниот консензус - боксувањето е премногу насилно за да биде предавано на училиште. Предрасудите доаѓаат од имиџот на боксувањето како спорт на насилници. Писателот и аматерски боксер Џорџ Гарет го оспорува овој имиџ: "Многу добри и искусни борци станаа внимателни и љубезни луѓе. Тие имаат навика да ги остават сите свои борби за во рингот."

Ова е златното доба на британскиот бокс. Професионалниот бокс го има светскиот шампион Карл Фрош, аматерскиот бокс ја имаше Олимпијадата во Лондон, а клубовите на Британската аматерска боксерска асоцијација се во подем. Меѓутоа прогонот на боксувањето од училиштата, го направи малцински спорт, а треба да биде меинстрим. Боксот е боречката вештина на Западот, клучна за нашата спортска култура како кунг-фу во Кина, карате и џудо во Јапонија и теквондо во Кореа. Нема ништо ни од далеку езотерично во тоа да знаеш како да се одбраниш самиот себе.

Пред неколку години училиштата во Бромли, јужен Лондон, почнаа да воведуваат бокс во часовите по физичко. Сето ова беше под надзор на Британската аматерска боксерска асоцијација (АБАЕ), и иако тренингот беше без контакт - тренираа без спаринг - момците и девојките без исклучок беа променети. Секогаш е така!

Што се случува кога децата боксуваат? Дебелите слабеат. Насилниците учат понизност. Девојчињата добиваат сила. Слабите стануваат посилни. Уплашените наоѓаат храброст. Дивите деца учат контрола. Тие со проблеми со здравјето стануваат физички спремни.

И сите учат дека во боксот нема простор за гнев.

Целта на планот на АБАЕ е да се зголеми учеството во училиштата, да се зголемат можностите за децата и за прв пат да го пробаат боксот, а потоа да се приклучат во клуб. Ова е вредна кауза. Меѓутоа боксот треба да биде дел од училишните натпревари исто колку и фудбалот. Презирот на естаблишментот кон боксот е заради претпоставката дека боксувањето во училиштата ќе предизвика кланица. Меѓутоа ниту еден одговорен тренер по бокс не би пуштил ученик на спаринг се додека тој не ги совлада основите на одбраната.

Заради опсесијата со тежина и спојувањето на изедначени противници, боксот е изедначен спорт како ретко кој друг.

Не постои "фер фудбалски натпревар". Меѓутоа концептот на фер борба е клучна за боксот. Ова е една од причините зошто, статистички зборено, боксот е релативно безбеден спорт. Боксерите не се луѓе во потрага по возбуда. Јас со години имав спаринзи а  сепак не би се ни осудил со велосипед да возам низ лондонскиот сообраќај. Е тоа е нешто страшно.

Точно е дека професионалните боксери добиваат удари во глава кои лесно би можеле да онесвестат или да убијат обичен човек. Меѓутоа аматерските боксери, рекреативните боксери - па дури и професионалците што спарингуваат во сала пред голема борба - секогаш носат заштита на глава. Ќе добиеш модро око или крвав нос, меѓутоа рекреативните боксери никогаш нема да завршат сериозно повредени затоа што не ги удира Џо Фрејзер, и затоа што ја носиме заштитата на глава, и најважно од се, затоа што не се бориме над границата на екстремна дехидрација - смртоносната зона во која се случуваат најсериозните боксерски повреди.

Боксувањето те учи како да се одбраниш во секое време. Боксувањето те учи дека има подеднакво многу начини да избегнеш удар колку што има начини и да зададеш. И иако државните училишта се откажаа од предавање бокс во 1962, во големите приватни училишта никогаш не престанаа да веруваат во исцелувачката моќ на боксот. И затоа единствените луѓе што ги знам дека боксувале на училиште се од Етон.

Во доба кога генерација на изгубени момци учат за односот кон жените од женомразачко порно, кога минуваат часови играјќи со маусот се додека тој не почне да цвика, боксувањето може да помогне да врати одредено чувство на човечност меѓу момчињата и девојчињата. Како што видовме на Олимпијадата 2012 - девојчињата можат да боксуваат. И тоа го прават брилијантно.

Лондон 2012 радикално го промени односот кон женскиот бокс кој постоеше со генерации. Ова не беше женски фудбал или женски тенис - очајна замена за оригиналот. Ова беше високо-октанска забава со две тупаници. Кога Амир Кан го освои сребрениот медал во Атина 2004, тој изјави "длабоко во себе мислам дека жените не треба да се борат. Тоа е мое мислење. Кога ќе добиеш удар тоа може да биде многу болно. Жените може да бидат нокаутирани."

Ах, Амир. До Лондон 2012, Кан уживаше во женскиот бокс во друштво на примерот, а Ленокс Луис призна "Девојкиве се неверојатни".

Ништо не ја откри инклузивната природа на спортот како женските боксерки од Лондон 2012. Боксот не е за големите и силните, или за момчињата и мажите, или па посебно спортските типови или издржливите. Боксот е за сите.

Изгледа едвај разбирливо дека женскиот бокс не бил олимписки спорт пред Лондон 2012. Се до 1996, женскиот бокс е забранет во Британија, а до 1998 на жените не им се даваат лиценци за бокс по основа дека предменструалниот синдром ги прави нестабилни. За разлика од сите оние добро балансирани машки боксери како Мајк Тајсон.

Фудбалерите се препираат, плукаат и шамараат еден со друг во тунелот од стадионот. Ама речиси не е чуено боксери да направат што било по борба освен да се прегрнат. Боксот има лоша репутација.

Традиционално боксот е прибежиште за лоши момци. Меѓутоа боксот ќе спаси секого од кого ќе биде прифатен. Бидејќи она што боксот те учи е дека во тебе има и нешто добро.

Боксот не е да се биде насилен. Туку да се биде подобар човек. Затоа што на крајот, боксот не зависи од тоа колку силно можеш да удриш - туку колку силни удари можеш да примиш, а и понатаму да продолжиш. И затоа што боксот бара толку многу од тебе, затоа што боксот бара фантастично потчинување на самиот себе - дури и за предебелото дете кое срамежливо за прв пат му дава шанса на боксот, дури и за средовечниот маж кој не се борел цели 30 години - а за возврат, боксот ти дава богатство кое можеш да го носиш со себе до крајот на животот.

И кога животот силно ќе те удри - кога ќе останеш без работа, кога ќе ја изгубиш девојката, или ќе го изгубиш твоето здравје - може ќе откриеш дека имаш челична жичка во себе, и тоа ќе ги направи тие тешки времиња поиздржливи.

Од каде доаѓа таа челична жичка? Доаѓа од склековите што ги правеше додека стомакот ти гореше. Доаѓа од медицинката што ја држеше кога рацете сакаа да ти се одморат. Доаѓа од силните удари што ги добиваше, и од потта што ја остави на вежбање, и од начинот на кој научи да ја загризуваш заштитната гума и да го вадиш и последниот удар во моменти во кои послаби луѓе од тебе би се откажале. И во твоите најтешки моменти, ќе откриеш дека си подобар човек отколку што некогаш си помислил.

И сето тоа е затоа што боксуваше.

Тони Парсонс,
ЏиКју

2 мај 2017 - 16:11