Што треба да пишува во условите за користење на Фејсбук

Една од пораките кои се проткајуваа низ сведочењата на Марк Закерберг пред американскиот конгрес беше обѕирната желба корисничкиот договор за Фејсбук да биде разбирлив за луѓе. Или како што ќе објасни еден од сенаторите „Еве што сакаат сите денес да ти кажат - и ова го кажувам нежно - твоите правила за користење не ги бива. Нивна цел е да го покријат задникот на Фејсбук, а не да ги информираат корисниците кои се нивни права.“

Одговорот на Закерберг беше „претпоставувам дека најголемиот дел од луѓето не го читаат цел договор,“ на што сенаторот реплицираше „ти предлагам да одиш дома и да го напишеш од ново, и да им кажеш на твоите адвокати од 1.200 долари на час, дека сакаш да го напишат на англиски, не на свахили, за просечниот американски корисник да може да го разбере.“

Затоа што луѓето на Закерберг моментално се толку претрупани со работа, Обсервер со гордост објавува дека состави нови, за обичен човек разбирливи правила за користење кои ја почитуваат новата посветеност на Закерберг кон „транспарентност“.

Добредојдовте!

Здраво! Јас сум Марк Закерберг и сум возбуден што сакате да се приклучите кон нашата глобална заедница. Најголемиот дел од корпорациите се предводени од безлични директори, ама оваа не е таква. Јас го основав Фејсбук и јас го поседувам контролниот пакет акции, па сè што се случува тука зависи од мене.

1. Прво нешто што треба да знаете е дека Фејсбук е идеалистичка и оптимистичка компанија чија цел е да го опфати секое човечко суштество на планетата во својата прекрасна глобална заедница. Нашата мисија е да го обединиме човештвото и со тоа да доведеме до мир во светот. За да го направиме ова, ние обезбедуваме неверојатен опсег на кул онлајн алатки кои ќе направат никогаш да не ви биде досадно. Она што е стварно добро околу овие услуги е што тие се комплетно БЕСПЛАТНИ!

2. Нашиот клучен принцип е дека вие ги поседувате вашите податоци - тоа е технички термин за работите што ги аплоудирате на нашата платформа. Сите апдејти на статуси, фотографии, видеа, лајкови, пораки, споделување итн. ви припаѓаат вам и вие може да ги даунлодирате и да ги зачувате на ваш уред кога и да го посакате тоа.

3. Нашата филозофија е дека ако си ги сакаш твоите податоци можеш да ги имаш. Знам дека ова звучи неверојатно дарежливо, ама реалноста е дека твоите податоци за тебе не вредат ништо. Како воопшто ти би ги продал? И кој воопшто би ги сакал?

4. Ама кога ќе се согласиш да ни ги изнајмиш твоите податоци, тогаш можеме да ги искористиме да работат за тебе на два начина. Првиот е што ги користиме за да ги овозможиме сите оние кул бесплатни услуги што ги споменавме. И вториот е, на нив ги додаваме сите работи што ги знаеме и што можеме да ги заклучиме за тебе, за да создадеме личен профил кој ќе осигура дека знаеме повеќе за тебе отколку мајката ти или партнерот (ако имаш среќа да си со партнер). Дали знаеш, на пример, дека профилот што го составуваме за тебе има цели 98 точки со податоци? На овој начин, ние додаваме вредност на твоите безвредни податоци и ги претвораме во златен прав.

5. Инаку - чисто да се избегне сомнеж - најголемиот дел од овие 98 точки не се твои податоци; туку се наши, и затоа кога ги симнуваш твоите податоци нив никогаш нема да ги видиш.

6. Наоколу има многу лажни вести кои тврдат дека на огласувачите им ги продаваме твоите податоци. Ние АПСОЛУТНО не правиме такви работи и јас сум лично повреден од овие обвинувања. Напротив, огласувачите кои сакаат да стигнат до одреден тип луѓе доаѓаат кај нас. На пример: „Сите што живеат во Филаделфија, и студираат филозофија на колеџ, имаат 21 година, купиле сина кошула во изминатите 12 месеци, има проблеми со нерви, заработува помалку од 28.000 долари годишно и најверојатно ќе купи комбе за патници во следните 6 месеци.“ Ние само ја пребаруваме нашата база со профили, ги наоѓаме луѓето кои одговараат на овие критериуми и правиме сè за пораката на огласувачот да се појави во нивниот њуз фид. На тој начин, членовите на нашата заедница ги гледаат само работите за кои се заинтересирани.

7. Ќе видиш извештаи во медиумите дека Фејсбук наводно заработува блесави суми на пари од сето ова што го работи. Ова се пристрасни извештаи кои забораваат да споменат дека чини цело богатство за бесплатно да ви ги обезбедиме сите овие услуги. Тие исто така кажуваат дека јас сум блесаво богат. Ама тоа е само затоа што по некоја случајност поседувам акции од Фејсбук. Плус, Џесика (сопругата) и јас не сме ништо посебно заинтересирани за пари, што е причина зошто сите ги даваме во добротворни цели - еден ден.

8. Меѓутоа, за сега, грижа ми е само ти да се приклучиш кон нашата прекрасна заедница и да потрошиш барем еден час на ден користејќи ги нашите фантастични услуги. Од таму е и моето ново мото: движи се брзо и потпишувај работи. Па те молам кликни тука.

Поздрав, Марк