Да бидеме искрени, не сум несреќен што те гледам дека се пензионираш. Исто се чувствуваат и голем број фанови. Пречкртај го тоа. Најголемиот број од фановите. Зошто? Затоа што боксот ќе биде многу подобар без тебе во него.
Да бидеме искрени: Беше досаден. Види го само твојот последен настап, твојот последен јуриш во рингот, 12-рунди со судска одлука против Андре Берто. Како да го опишам ова? Како промашување? Како катастрофа? Толку еднострана борба што Берто според судиите не победи во ниту една рунда? Секој што е во боксот знае дека Берто немаше шанса. Мислам дека вечерта повеќе луѓе гледаа реприза на Фамили Гај, отколку да се вклучат на пеј-пер-вју борбата. Ама не ми пречеше да платам 75 долари за ХД преносот. Всушност, тоа го гледам како одлична инвестиција. Кога децата нема да можат да спијат, веќе нема потреба да им читам сликовници. Само ќе им ја пуштам твојата борба со Берто. Нема да издржат повеќе од трета рунда.
Уште една причина зошто боксот е подобар без тебе: Беше уплашен. Уплашен од случајности. Уплашен да преземаш ризици. Совршен пример за ова е твојот најголем "триумф" долго очекуваната рекордна борба меѓу тебе и Мани Пакјао. Речиси 4,5 милиони гледачи што платиле за пренос! Повеќе од 400 милиони долари во приходи! Насловни низ цел свет! Како тоа може да биде лошо за боксот? Затоа што лажеше. Вети акција и забава и борба на столетието, а не испорача ништо од тоа. Проблемот е што ти баш така сакаш. Со Пакјао требаше да се бориш пред пет години, а не пред пет месеци. Ама, тоа ќе беше премногу опасно. Премногу ризично. Ти направи цела кариера од претпазливост. Ти не влегуваш во ринг освен ако немаш предност. Нормално, имаш боксувано против големи имиња. Ама сите тие ги имаа минато своите најдобри години. Па дури и ние кога се боксувавме во 2007-ма - и јас тесно изгубив на судска одлука - јас бев на крајот од својата кариера. Подоцна ти се проба со мексиканската мега-ѕвезда Саул Алварез, ама тој беше премногу млад и мораше да ослабе премногу килограми.
Јас? Јас влегов во бизнисов за да превземам ризици. Со сите се имам соочено кога беа во најдобрите години. Доказ? Бев поразен. Шест пати. По 31-на победа, мојот прв пораз беше против Феликс Тринидад, и научив вредна лекција која е точна како во рингот така и во животот: Немој да бегаш. Не престанав да се борам со најдобрите меѓу најдобрите. Откако го победив Дерел Колеј, имав борба со Шугар Шејн Мозли кога беше во врвот на својата кариера - непоразен и од многумина сметан за најдобар во светот. Повторно изгубив. По четири победи против врвно рангирани боксери, повторно се соочив со Мозли. Може да дебатираме кој победи во реваншот, ама судиите одлучија дека повторно изгубив.
Дали после тоа почнав да бирам лесни противници? Не. Се искачив во среднотешка категорија и освоив шампионски појас. Се соочив со еден од најдобрите боксери во среднотешка категорија на сите времиња, Бернард Хопкинс. По ударот во тело, што уште го чувствувам, кој вечерта ме собори, влегов во ринг со уште двајца кои беа на врвот од својата кариера, кои, многу години подоцна, конечно ќе се соочат еден со друг на возраст од 36 и 38 години - Мани Пакјао и ти. Кога боксерите го прават тоа - кога ризикуваат да бидат поразени - тогаш сите победуваат. Мантрата на мојата фирма Голден бој промоушнс е едноставна: најдобрите против најдобрите. Штета што ти не го направи истото.
Ти секогаш го избираше полесниот пат. Кога не танцуваше околу ѕвезди во залез (идеја за шоу за тебе: Танц околу ѕвезди во залез), ти претепуваше класи послаби противници. Добар дел од твоите противници беа натпросечни борци, ама тие сепак не беа од твој калибар. Ти си многу талентиран боксер, најдобриот одбранбен боксер на нашата генерација. Ама што ќе ти е таков талент ако не го тестираш? Мухамед Али го тестираше. И Шугар Реј Леонард. Ти? Никако. Годините од 2000-та до 2010-та ги пројде соочувајќи се со бледи ликови како Викторијано Соса, Филип Н'ду, Демаркус Корли, Хенри Брисел и Шармба Мичел. Не дека немаше противници - силни и страшни противници како Антонио Маргарито и Пол Вилијамс - ама ти бегаше од нив. Дали некогаш си бил во спринтерскиот тим во средно? Таму би бил ѕвезда.
Боксот ќе биде подобро место и без Устата. Твојата уста да бидам поконкретен, онаа што го создади "Мани" Мејведер. На мене јасно ми е дека ти е потребен Мани Мејведер ликот. Пред тој - и Голден Бој промоушнс - да се појават, никој не ги гледаше твоите борби. Не можеше да распродадеш борба ни во родениот град Гранд Рапидс, Мичиген. Устата ти направи пари. Многу повеќе пари што можеш да ги потрошиш за еден живот. (Извини, ги гледав реалните шоуа со тебе. Веројатно ќе ги потрошиш сите.) Меѓутоа Устата нема место во боксот; чувај ја за WWE. Освен ако не си некој како Али, чии борби беа брилијантни колку и неговото дрдорење, постојаното верглање без забава само го обезвреднува нашиот спорт. Боксерите треба да зборуваат со своите тупаници и со своите срца. Тие не треба ништо да кажат за да се докажат себе си. Тие ќе оставиш свое наследство. Ќе бидеш запаметен како човекот што направи најмногу пари. Што се однесува до твоите борби? Веќе ги заборавивме.
Сега кога се тргаш на страна, конечно може да се посвети внимание на вистинските ѕвезди: на тепачите, на храбрите, на боксерите кои не сакаат ништо повеќе од тоа да се соочат со најдобриот и со тоа да бидат најдобри. Тука е Канело, казахстанската сензација Генадиј Головкин, крволочниот Роман Гонзалес, жестокиот удирач Сергеј Ковалев и цел куп новодојдени вклучувајќи ги Теренс Крафорд, Васиј Ломаченко и Кит Турман. Сакаш да видиш како изгледа чудовиштна борба? Канело се соочува со Мигуел Кото на 21-ви ноември. Нема 4,4 милиони луѓе да купат пеј-пер-вју пренос, ама сите што ќе го гледаат ќе уживаат. И ова не е празно ветување.
Сега влегуваш во нова фаза во животот, втор чин. Сигурен сум дека ќе биде убаво да не мора да тренираш преку цела година. Ќе биде убаво да излезеш од сала и да минеш време со семејството. Ама се чудам што ќе правиш. Имаш многу слободно време и, во моментов, многу пари. Може ќе го искористиш својот вистински талент и ќе отвориш салон за продажба на половни автомобили или ќе водиш циркус. Или може ќе завршиш на Танц со ѕвездите. Ова е работа што е безбедна, добро се плаќа и ти овозможува да трчкаш на сцената. Нешто што го правеше во најголемиот дел од својата кариера.