Во рамки на 4-тиот Самит за Западен Балкан кој се одржа во пристанишниот италијански град Трст, веднаш по официјалното отворање на Постојаниот Секретаријат на Коморскиот инвестициски форум ВБ6, се одржа панел-дискусија на тема „Регионална економска област на Западен Балкан – патоказ кон членството во ЕУ“, на која заедно со претставниците на компании од Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово, Албанија и Србија, учествуваше и г. Живко Мукаетов, генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид АД“ Скопје.
Панелот опфаќаше бројни теми кои се од суштинска важност за регионална интеграција, како: градење синергии помеѓу компаниите во регионот; надминување на пречките за поинтензивна регионална интеграција; слободно движење на работната сила; Западниот Балкан како дестинација за инвестиции и слично.
Во рамките на панел-дискусијата, г. Мукаетов ја нагласи важноста на поврзувањето на регионот од повеќе аспекти.
„Пораката која Европската Унија ја испраќа на овој еминентен собир, е дека тие сметаат на нас, но од друга страна, ние треба да покажеме дека имаме капацитет да создаваме синергии и да одиме напред“, истакна Мукаетов.
Во поглед на мобилноста на работната сила, како алатка за развој на бизнисите, Мукаетов истакна дека е потребно да се унифицира и поедностави системот по примерот на Скандинавските земји, со што би се дестимулирало одлевањето на квалитетни кадри од регионот. Тој ја нагласи и важноста на димензионирањето на едукативниот систем во согласност со потребите на бизнисите, со што би се намалила дискрепанцата во понудата и побарувачката на некои струки, односно би се продуцирале повеќе инженерски кадри кои во моментов се дефицитарни, а би се намалил бројот на кадрите по општествени науки, кои пак се суфицитарни. За овие и слични теми, Мукаетов ги покани присутните на претстојниот „Самит 100 на бизнис лидери од Југоисточна Европа“ кој на 16-ти и 17-ти октомври ќе се одржува во Скопје.
„Како платформа за соработка која успешно функционира веќе седма година, Самит100 во Скопје ќе вклучува конкретни теми и проекти кои се од стратешка важност за унапредување на бизнисите во регионот. Во Скопје, клучниот збор ќе биде ‘Поврзување’ а наш гостин ќе биде Европскиот комесар за транспорт, г-ѓа Виолета Булц. Ќе дискутираме за транспорт, инфраструктура, проектот ‘зелена Балканика’, слободно карго, брендирање на регионот, мобилност на работната сила, дигитализација и енергетика. За овие суштински предизвици, ќе предложиме решенија кои регионот би го направиле поконкурентен“, изјави Мукаетов.
(комерцијален текст)