Откако оригиналниот стартап на Глас, Одео, не успева заради појавата на Ајтјунс, тој со својот колега Џек Дорси, му ја кажуваат својата почетна идеја за Твитер на инвеститорот Ев Вилијамс. Тој го прифаќа предлогот и станува еден од ко-основачите. Во ова време Глас се опседнува со новата компанија.
Во книгата на Ник Билтон за Твитер, "Hatching Twitter: A True Story of Money, Power, Friendship, and Betrayal," опишано е како Глас доаѓа до името на компанијата:
"Глас се опседна, го разлистуваше печатениот речник, речиси збор по збор, барајќи го правото име. Едно пладне, сам во својот стан, тој го фати мобилниот за да го исклучи ѕвонењето, заради што почна да вибрира. Тој на кратко се помисли за името 'Vibrate' меѓутоа го отфрли. Ова го донесе до зборот 'twitch.' Тој го батали и овој предлог, но продолжи да пребарува во делот со 'Tw': twist, twit, twitch, twitcher, twitchy... и тука го најде. Ја прочита дефиницијата на глас 'Лесен звук на цвркотење кој го прават одредени птици.' Ова е тоа си помисли. 'Агитација или возбуда; трепет.' Твитер."
Како што се развива идејата за Твитер, така се зголемува и непријателството меѓу Вилијамс и Глас. Додека расте битката меѓу двајцата Глас решава да му се довери на својот пријател и ко-основач Дорси околу своите ставови. Она што Глас не го знае е дека Дорси инсистира на неговото отпуштање, и дека се заканил дека ако тоа не биде направено тој ќе си оди од компанијата.
Во јули 2006-та Глас е избркан од компанијата а Дорси станува ЦЕО.
По ова Дорси во своите интервјуа почнува да го брише Глас од историјата на компанијата. Тој не го споменува и воопшто не му дава кредит на Глас дека го смислил името. Во овој период сите го сметаат Дорси за лице на компанијата.
Излегувањето на берза на Твитер ќе создаде нова генерација на милионери во Силициумската долина, меѓутоа Глас нема да биде еден од нив.
"Минатиот месец, неколку дена пред вестите за излегување на берзата, Ноа Глас се шеташе низ својата населба. Глас, кој падна во депресија откако беше избркан од Твитер, ги прекина контактите со своите пријатели. Сега тој живее во стан кој е изграден како заштита од земјотреси, кој го дели со својата девојка, неговото бебе и кучето Еви. Додека шеташе низ Долорес Парк, со ќерка му и кучето, тој налета на Вилијамс. После првичниот шок, двајцата мажи, сега во своите 40-ти години, почнаа да муабетат, потсетувајќи се како некогаш биле соседи, а потоа и блиски соработници, и ко-основачи. Потоа учтиво се согласија дека треба да се состанат на кафе и си продолжија по патот," ја раскажува Билтон средбата на двајцата некогашни ко-основачи.