УНИЦЕФ сака да копате крипто-валути за децата од Сирија

За седум години војна во Сирија загинаа стотици илјади луѓе, се раселија и домот го загубија десетици милиони луѓе. Тоа што војната изгледа како да привршува, не значи дека на овие десетици милиони раселени и бегалци што било им е решено.

Обидувајќи се да помогне во целата работа УНИЦЕФ ја започна хуманитарната програма Гејм чеингерс, која планира преку копање крипто-валути да собира пари за сириските бегалци.

Програмата се обраќа на гејмерите низ светот и од нив бара своите графички карти да ги искористат за копање Етереум во добротворни цели.  Она што се води како „копање“ во основа е решавање на комплексни математички проблеми за што е потребна сериозна процесорска моќ, како онаа што ја имаат напредните графички карти што гејмерите ги користат за играње на најновите игри.

„Благодарејќи на работата на нивните графички карти донаторите повеќе нема да мораат да даваат ни едно евро поддршка за акцијата на УНИЦЕФ,“ се објаснува во официјалното видео за кампањата.

Изборот паднал на гејмерите затоа што УНИЦЕФ ги проценува како „активисти и луѓе што даваат поддршка“, а и веќе ги имаат графичките карти потребни за копање крипто-валути.

Секој што е заинтересиран и сака да учествува во програмата, треба да оди на сајтот на Гејм чеингерс и да ја инсталира Клејмор програмата за копање и да ја остави графичката да работи. Во меѓувреме сè што ќе биде ископано оди на сметката на УНИЦЕФ.

 

8 февруари 2018 - 10:54