Што е со дрвјата и Јутјуб?

Да не им баксузираме со нашиот „Ден на дрвото“, Јутјубери решија да се организираат и да соберат пари за да ја пошумат планетата со 20 милиони дрвја. Во нивната математика, слично како и во гореспоменатиот „Ден на дрвото“, една садница чини 1 долар.

Целата организација е на Џими „МрБист“ Доналдсон и веќе има собрано поддршка од Јутјубери кои заедно имаат над 100 милиони претплатници.

Иако не е Јутјубер вчера во акцијата се вклучи и Елон Маск, кој даде пари за 1 милион дрва. Одлуката на Маск следува по малку тормозење на Твитер од Јутјуберот МКБХД, Маркез Браунли.

Планот е да се посадат дрвја на секој континент на планетава, освен на Антарктик, а видот на дрво што ќе се сади зависи од локацијата. Пред да се приклучи Маск, акцијата имаше собрано 6 милиони долари.

Кратко по донацијата на Маск, која беше најголема до тогаш, пари даде и основачот на Шопифај, Тоби Лутке, кој со 1 милион и 1 долар, моментално е најголемиот донатор на проектот.

Прогресот на акцијата може да го следите тука.

 

31 октомври 2019 - 11:03