Додека низ светот музичките / филмските продуценти се тргнати во џихад против компјутерските корисници, расфрлајќи се со блесаво големи тужби со суми од по неколку милиони долари, Канаѓаните решија да ја ограничат максималната оштета за пиратерија на - 5.000 долари.
Без навлегување во коректноста на пиратеријата и побудите кои стојат зад неа, властите решаваат дека ова е максимумот кој која било компанија може да го побара по сите основи на прекршување на авторски права во некомерцијални цели.
Во пракса ова значи дека да симнеш и 5 и 500 песни од една музичка компанија, најголемата казна што можеш да ја платиш е 5.000 канадски долари, се додека не заработуваш на нив (само ги слушаш, а не ги препродаваш или на кој било начин да заработуваш од нив).
За сите случаи кога прекршувањето на авторските права е направено во комерцијални цели, останува максималната казна од 20.000 долари по прекршок.
Дополнувањето на законот за авторски права дозволува и слободно користење на сите јавно достапни интернет содржини во образовни цели. Ова значи дека се што може да се најде на интернет, може да биде искористено од образовните институции без дозвола или компензација.