Трамп инстантно негираше тоа што го објави Њујорк тајмс, меѓутоа остануваат неговите одлуки за константно зголемување на овластувањата на Сајбер командата, на која повеќе не и треба дозвола од останатите агенции пред да започне хакерски напад, што беше ограничување воведено од Обама. На страна тоа што Трамп го збори, неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, со месеци пушта ишарети дека САД тераат поагресивни сајбер операции.
Со ваквата логика на покажување сајбер мускули не се согласува довчерашниот советник на Трамп за сајбер-безбедност, Том Босерт, според кого:
„Замислата дека може да ги искористиме сајбер-офанзивните способности за да предизвикаме саботажа, и тоа да биде направено масовно и на доста скап начин додека тие да сфатат дека не можат да победат, мислам дека нема да функционира.
Сакам да сме сигурни дека нема да завршиме во ескалирачка сајбер размена во која ќе изгубиме повеќе отколку тие.“
Босерт ги потсетува своите поранешни колеги дека американската економија и инфраструктура многу повеќе зависи од дигитализација и автоматизација отколку онаа на Русија, што на Кремљ му дава предност во секоја идна отворена сајбер-војна. Тој цитира една изјава на поранешниот американски министер за одбрана, Еш Картер: „Ако си полиен со бензин, немој да почнуваш натпревар во фрлање шкорчиња.“
Дури и Сајбер командата на САД да нема делувано против Русија, сскањето од страна на Џон Болтон речиси со сигурност ќе го убеди Кремљ дека и тие треба да имаат сличен пристап до американската инфраструктура.
Според Вајард еден од најголемите куршлуси би можел да се случи ако американската Сајбер команда упадне во руската мрежа „за да го подготви теренот за војна“, и да создаде капацитети за нарушување на електричната мрежа на Русија без намера веднаш да ги искористи, но истите од руска страна погрешно да бидат протолкувани како закана во моментот.
Дополнителен страв на експертите е дека кои било техники и стратегија бидат употребени во напад против Русија, подоцна би можеле да бидат копирани како стратегија и искористени од нејзина страна во напад против САД и неговите сојузници кои имаат далеку повеќе дигитализирана економија.