Бордот на Јаху едногласно го одобрил проектот на првиот менаџер на фирмата да се купи блог мрежата Тамблр за 1,1 милијарда долари, дозна Вол Стрит Журнал еден ден пред тоа официјално да биде соопштено.
Откако дојде на чело на Фирмата, Мариса Мајр го купи Summly и уште дузина стартапи и сервиси фокусирани на мобилни но ѝ беше потребен голем и агресивен потег за да се обиде да ја смени моменталната перцепција за Јаху кој изгледа прилично очаен. Добро, не до толку очаен, бидејќи фирмата има 4 милијарди долари кеш на располагање.
Некои инвеститори веќе подигнале веѓи на оваа купуванка сметајќи дека парите можеле да се дадат во други сектори каде ќе бидат вратени многу побргу.
Тамблр е популарна и прилично шик мрежа за блогирање која агрегира фини бројки на посетеност, меѓу другото и затоа што се дозволени слободни +18 содржини а и нема реклами, што знае посебно да ги одвраќа посетителите на блогови. Публиката и е концентрирана во старосната линија 18-25 г. која му е ужасно потребна на Јаху и главно се работи за она што се дефинира како "опседнати со медиуми" тинејџери и лица на 20 и нешто години кои минуваат многу часови на мрежата споделуваќи тони слики, анимирани гифови и мемиња.
Моментално има преку 108 милиони блогови а формирана е во 2006-та од Дејвид Карп кој денес има 26 години и ја води фирмата.
Познавачите велат дека доколку аквизицијата биде изведена, главен предизвик на Мариса Мајер ќе биде да не дозволи Тамблр да се изгуби во гигантскиот Јаху, како што тоа им се случи на претходните големи набавки како Geocities, Flickr и други, кои или веќе се угасени или се комплетно запоставени од мајката.
Но, додека не легнат парите, ништо не е дефинитивно. Неочекувани пресврти и расипување на калимерата во последен момент се сосема можни во вакви случаи а можно е во меѓувреме да упадне некој друг голем и да ја лапне зделката, како што тоа Фејсбук му го направи на Твитер купувајќи му го Инстаграм пред нос.