Најголемата казна некогаш изречена од Унијата

ЕУ го казни Гугл со 2,42 милијарди евра

Европската комисија одлучи дека Гугл треба да плати 2,42 милијарди евра за тоа што ја злоупотребил својата моќ за промовирање на сопствениот сервис за шопинг во првите резултати од пребарувањето.

Ова е најголемата казна што регулаторното тело некогаш ја има изречено против компанија обвинета за изопачување на пазарот.

ЕК му даде на Гугл 90 дена да прекине со оваа пракса, во спротивно тој ќе биде дополнително казнет со 5% од вкупните дневни приходи на Алфабет за секој изминат ден по истекување на рокот.

Врз основа на сегашните финансиски извештаи, ова би изнесувало по 14 милиони долари на ден.

Аргументот на Гугл беше дека Амазон и Ибеј имаат многу поголемо влијание врз навиките на потрошувачите отколку нивниот сервис.

Европската комисија ја започна истрагата против Гугл шопинг уште кон крајот на 2010. Истрагата е започната по поплаки од конкуренти меѓу кои и од Микрософт.

Комисијата има право да го казни Алфабет до 10% од неговите годишни приходи, кои во минатата фискална година изнесуваат 90 милијарди долари.

 

27 јуни 2017 - 12:31