Дизни, Нестле и Фортнајт ги повлекоа рекламите од Јутјуб по обвиненијата за педофилија

Сè е убаво со рекламирање на социјални мрежи и вадење пари од корисничка содржина се додека не се појават првите обвинувања дека твојата платформа се користи од педофилска група, како за непречена комуникација, така и за ширење на педофилска содржина.

Корисник на Јутјуб пред некој ден објавува видео за тоа како коментарите на Јутјуб видеа со деца се користат за ширење на софткор детска порнографија. Тој објаснува дека коментаторите ги обележуваат видеата на кои мали девојчиња се во наводно непристојни пози, пример девојчиња што вежбаат гимнастика по дома, а потоа алгоритмите на Јутјуб на овие корисници им помагаат да откријат слични видеа.

И според авторот на видеото, Мат Вотсон, алгоритамот на Јутјуб континуирано вадел нови и нови видеа кои успеале да соберат стотици илјади, па и милион прегледи, а со нив и публика од педофили.

По објавата на видеото, истиот метод опишан од Вотсон го тестираат и од Вајард, и нивната истрага потврдува дека Јутјуб автоматски те води низ бескрајна серија видеа со мали девојчиња кои вежбаат гимнастика, играат Твистер, или си играат во базен.

„Коментарите откриваат група луѓе кои се заинтересирани за видеата, често пати оставајќи линкови до точниот момент во видеото во кој се гледаат гениталиите на детето или брадавица.

Вајард открива дека тие понекогаш разменуваат и сопствени Вотсап или Кик детали, со ветување дека таму дополнително ќе разменат и други слични видеа. По зборовите на Вајард сето тоа изгледало како ’мрежа педофили која се крие пред очите на јавноста’,“ пишува Исобел Хамилтон во текстот за Бизнис Инсајдер.

Она што Вотсон го нагласи во своето видео, а Вајард подоцна го потврди, е дека овие видеа вадат пари од прегледите, односно Јутјуб објавува реклами на нив, и заработува од прегледите на педофилите, тука вклучувајќи и реклами од големи брендови како Дизни, Алфа Ромео, Лореал, Фортнајт и слични.

По ширењето на веста Фортнајт решава комплетно да го запре рекламирањето на Јутјуб се додека таму не си го средат проблемот и да ги елиминираат ваквите содржини од сервисот.

Блумберг објавува дека на сличен потег се решаваат и глобалните конгломерати како Дизни и Нестле, кои го паузираат комплетното свое рекламирање на социјалната видео-платформа.

****
- За ова и слични Јутјуб појави пред некој ден пишуваме тука

21 февруари 2019 - 11:50