Амазон си го бара името

Ако денес некого прашете чиј е Амазон, најверојатниот одговор е, на оној Џеф Безос. Само што Амазон е и нешто друго, нешто што постои со векови и милениуми и нема врска со пазарење туку со култура, идентитет и наследство. Како некогаш Колумбо со шарени стакленца, или денес битангиве со бајки за стампедо на странски инвестиции (ене ги инвеститорите, се трупаат на Табановце, сите во низок старт) и Амазон на Безос проба да ја подмачка другата страна. Не му пројде.

Осум јужноамерикански држави од една и гигантот Амазон од друга, до 7 април треба да го решат 7 годишниот спор кој и како ќе ја користи веб адресата „точка амазон“.

Рокот им е даден од телото, односно корпорацијата која го менаџира адресарот на глобалната мрежа (ICANN) која реши да ја прошири листата на топ-левел домеин имињата (она што доаѓа после точката во веб адресата) со што на интернет корисниците и компаниите им се даваат поголеми можности да ги персонализираат адресите и да прецизираат за што се работи.

Осумте држави кои ја делат прашумата приговараат таа адреса целосно да ѝ припадне на компанијата на Безос и предлагаат името да го споделуваат: кога е нешто со комерцијален интерес ("books.amazon" или "kindle.amazon"), тоа да го има компанијата но истовремено секоја од тие земји да може да го користи „амазон“ кога се работи за нејзиното културно наследство.

Безосовиот Амазон им ветуваше дека ќе биде претпазлив кога ќе допира теми кои за овие земји и народи можат да бидат национално чувствителни и понуди да им даде дозвола за користење на  локалните верзии на името, како .amazonia и .amazonas.

Лани проба и да ги одоброволи земјите ветувајќи им 5 милиони вреден подарок во Киндлови и бесплатен хостинг. Овие ја одбија понудата.

„Не бараме ние финансиска компензација, ниту пак чекаме милостиви отстапки за второкласни домеини. За многумина од нас ова е прашање на суверенитетот и самото тоа што на компанијата Амазон ѝ дозволуваме да го користи тоа име, веќе е компромис“, им пиша на ИКАНН еквадорскиот амабасадор во САД, Франциско Карион.

Во 2103 година, американскиот бренд за аутдор облека Патагонија го повлече барањето за екстензијата .patagonia откако на темата се побунија Аргентина и Чиле, а една мексиканска компанија, со финансиски договор, издејствува црногорскиот град Бар да им ја дозволи екстензијата "точка бар".

 

5 април 2019 - 21:30