„Неочекуван, кадифен, путераст вкус на маслиново масло (?)... го збогатува оригиналниот вкус на кафето и прекрасно се задржува на непцето“.
Вака првиот човек на Старбакс Италија го опиша вкусот на серијата нови кафе-пијачки збогатени со маслиново масло кои ги лансираа во земјата во која имаат 20 продавници и својски се трудат да го освојат пазарот чија кафе-сцена е прочуена по малите, често семејни кафулиња. Бонус ПР им е што ќе користат екстра-девствено масло од Партана, Сицилија.
„Сега, ќе има луѓе кои ќе речат, маслиново масло во кафе? Но, доказот е во чашата“, изјави Хауард Шулц тврдејќи дека за над 40 години, не може да се сети на момент кога бил повозбуден. Хмм.
Кога своевремено, во 2018-та, Старбакс влегуваше во Италија, имаше петиции и повици за нивен бојкот, но овие се обидуваа да ги амортизираат таквите удари со скромност, порачувајќи им на Италијанците дека не доаѓаат за да ги научат што е кафе, туку да покажат што тие имаат научено за омилената италијанска пијачка.
Со освојување на италијанскиот пазар со еден друг производ на кој домородците имаат фетиш, цели седум години се занесуваше и ланецот Домино пици, но лани соопштија дека се повлекуваат од земјата. Амбициозно планираа да отворат 880 пицерии во родното место на пицата, но стигнаа најмногу до 29.