Шведската кокошка на Јунајтед

Златан Ибрахимовиќ во Манчестер Јунајтед неделно ќе заработува 240.000 евра. Од друга страна Јунајтед во првата седмица од потпишувањето на Ибрахимовиќ заработи 90 милиони евра од продавање на негови дресови.

Сумата од продажбата на дресовите на Ибрахимовиќ ја објавува Сан. Дресовите во официјалната продавница на Јунајтед чинат 105 евра, што би значело дека за една седмица се купени над 800.000 парчиња.

Во ваква стапка на продажба Манчестер е на пат да биде клуб со најмногу продадени дресови во 2016. Минатата година на прво место беше Барса со 3,63 милиони продадени дресови, што е 400.000 повеќе од второпласираниот Баерн. Челзи заврши на трето со 3,1 милион, а Јунајтед имаше 2,9 милиони продадени дресови.

Уште пред објавување на билансот од продажбата на дресовите, на првиот ден во Јунајтед, Ибрахимовиќ со целата своја скромност им порача на првите луѓе на клубот да не се стегаат во давањето пари за купување на Погба, затоа што како што објасни "моите дресови ќе платат за Погба." Французинот се шпекулира дека оди во Манчестер за околу 100 милиони евра.

 

30 јули 2016 - 12:40