Nvidia прерасна во централна банка

Во трката за продажба компјутерски хардвер и чипови, голема е опасноста да се кредитираат шпекулативни проекти кои ќе донесат помали приходи или ќе се остварат подоцна отколку што предвидуваат сложените договори. Резултатот ќе биде огромен вишок на скапи и неискористени чипови. Ниту една компанија не е толку длабоко вплеткана во оваа мрежа како Nvidia. 

На Nvidia ѝ беа потребни 30 години за да достигне пазарна вредност од 1.000 милијарди долари. За неполни три години, достигна вредност од 5,4 билиони долари. Идната година продажбата на нејзини чипови веројатно ќе се удвои и се предвидува дека во 2029 година компанијата ќе остварува годишен приход од 1 билион долари.

Производството на чипови не е единствениот фактор што го поттикна неверојатниот раст на Nvidia. Директорот Џенсен Хуанг се пренасочи кон финансиски инженеринг за да ја зголеми побарувачката за своите производи. Во август, Nvidia обезбеди финансиска гаранција до 105 милијарди долари за огромен центар за податоци во Охајо, кој ќе користи голем број од нејзините чипови. Компанијата објави планови за инвестирање 500 милијарди долари во инфраструктура за ВИ преку гарантирање на вредноста на опремата за такви проекти. Во јули Nvidia им помогна на некои клиенти да финансираат големи центри за податоци преку ветување дека ќе ги надополни нивните приходи доколку не се постигнат зацртаните цели.

Nvidia едноставно помага да се отклучат инвестиции за целосно одржливи проекти, кои во спротивно би имале тешкотии да позајмат доволно пари, објаснува Хуанг.

За критичарите, овие зделки потсетуваат на „дот-ком“ бумот од доцните 1990-ти, кога производителите на телекомуникациска опрема, како Cisco и Lucent, им позајмуваа милијарди долари на операторите што ја купуваа нивната опрема. Кога побарувачката за услугите не ги исполни очекувањата, некои од нив пропаднаа, што резултираше со големи загуби за Cisco и Lucent.

Nvidia се движи по тенка линија помеѓу овозможување и создавање на побарувачката. Сè уште не ја преминала линијата, но се приближува прилично блиску, вели Џеј Голдберг од аналитичката фирма Seaport Research Partners. 

Други, како Мајкл Бари – инвеститор кој се збогати обложувајќи се против хартиите од вредност обезбедени со хипотеки, кои ја предизвикаа финансиската криза од 2007 до 2009 година – предупредуваат дека побарувачката за чипови за ВИ може да расте побавно од очекуваното. Тоа сценарио потенцијално би довело до загуби за Nvidia поради поддршката на своите клиенти.

Финансискиот инженеринг на Хуанг делумно претставува одговор на трансформацијата на најголемите клиенти во ривали. Се очекува дека технолошките гиганти како Amazon, Google, Meta и Microsoft, кои учествуваат со околу половина од приходите на Nvidia, само во оваа година ќе инвестираат околу 800 милијарди долари во инфраструктура за ВИ. Повеќето од нив почнаа да дизајнираат сопствени чипови.

Bloomberg Intelligence предвидува дека сопствените чипови постепено ќе го намалуваат уделот на Nvidia во продажбата и до крајот на деценијата ќе заземаат околу 50% од пазарот на процесори за ВИ.
Специјализираните чипови чинат меѓу една петтина и една третина од оние на Nvidia и можат подобро да извршуваат одредени задачи, прилагодени на сопствениот софтвер.

Уште полошо за Nvidia е тоа што некои од технолошките гиганти ги нудат идните чипови на продажба. Гугл, на пример, им продаде некои специјализирани процесори на Anthropic. И Amazon очекува бизнисот со сопствени чипови да стане значаен извор на приходи.

Затоа „банката на Nvidia“ настојува да стекне сопственички удели во стартап-компании кои самите ќе ѝ бидат клиенти или индиректно ќе придонесат за зголемување на побарувачката за нејзините чипови. Nvidia лани реализираше околу 90 такви инвестиции, а годинава договорила уште 60.

Во основата на оваа мрежа од обврски се две фундаментални претпоставки: дека чиповите на Nvidia ќе ја задржат својата вредност и дека побарувачката за компјутерски технологии ќе продолжи да расте со брзо темпо. Ниту едната не е сигурна.

7 септември 2026 - 13:05