Ламборџинија, Поршиња и Аудија горат сред Атлантски океан

Во близина на азорскиот брег се случува непланиран викиншки погреб за илјадници возила, меѓу кои и луксузни примероци од горенаведените брендови, откако избувна пожар во товарен брод што вози за Фолксваген.

22-та членови на екипажот се спасени од припадници на португалската морнарица и авијација, а бродот е оставен без луѓе и без правец на движење.

Од внатрешните документи на Фолксваген се гледа дека на бродот имa 3.965 возила, кои се товарени за американскиот пазар.

Портпаролот на Порше проценува дека на бродот „Фелисити ејс“ во моментот на пожарот имало околу 1.100 Поршиња. Тој изјавил дека муштериите што се погодени од пожарот веднаш биле контактирани од нивните продавачи на возила.

Од Ламборџини Америка не изјавиле колку возила имаат на бродот, само порачале дека се во контакт со купувачите.

Драјв, сајтот за автомобилска индустрија, тврди дека меѓу 4-те илјади возила имало и 189 Бентлија.

Бродот на 10 февруари тргнал од Емден, Германија, а на 23-ти требало да биде во Дависвил, Роуд ајланд. Бродот бил на некои си 320 километри од азорскиот остров Терсиера кога португалските сили интервенирале за да го евакуираат екипажот.

Ова не е прв пат да му се случи пожар на Фолксваген. Во 2019, во брод со над 2000 луксузни возила, вклучително Аудија и Поршиња, избувна пожар а потоа потона.

18 февруари 2022 - 10:24