На покана од Амазон, ко-основачите на Нетфликс, Рид Хестингс и Марк Рандолф, и уште неколкумина, се упатуваат во Сиетл во седиштето на компанијата. Амазон во тоа време е компанија тазе излезена на берза, со приходи од 150 милиони долари годишно, и 600 вработени. Седиштето на компанијата, според зборовите на Рандолф, е претрупано со луѓе, бироа, книги и празни кутии, а самиот Џеф Безос е во иста канцеларија со уште двајца.
На состанокот што го имаат, по сите шеги и зближување, тие дознаваат дека Амазон би сакал да ги купи, како дел од нивниот тогашен план за купување неколку мали компании.
Делот во кој се разочаруваат е кога од Амазон им објаснуваат дека ако тоа се случи, „веројатно ќе завршиме некаде на ниски 8-цифрени бројки“. Според Рандолф, ова во бизнисот значи дека бројката ќе биде едвај 8-цифрена, и веројатно ќе биде некаде меѓу 14 и 16 милиони долари.
За Рандолф, кој поседува 30% од акциите, ова и не е така лошо, бидејќи тоа ќе значи 5 милиони долари, за 12-месеци работа, плус дома веќе се појавуваат проблеми со парите. За Рид, кој поседува 70% од акциите, и има инвестирано 2 милиона долара, ова не е доволно. Плус, пред да почне со Нетфликс, Рид ја продава својата претходна компанија „за висока 8-цифрена бројка“.
Анализирајќи ја целата ситуација на враќање од Сиетл, на нив им е јасно дека освен што во тоа време не заработуваат доволно пари, и што продажбата на ДВД-а, а не изнајмувањето, им е главен бизнис, доколку одлучат да го одбијат Амазон, тоа ќе значи дека наскоро ќе треба да се натпреваруваат со него, што значи дека веќе нема да има продажба на ДВД-а, што пак значи дека веќе нема да има Нетфликс.
„Продавањето во тој момент изгледаше како решение за сите тие проблеми - или барем нивно префрлање на поголема компанија со подлабоки џебови,“ објаснува Рандолф.
Од друга страна она што е плус за компанијата, е дека имаат добар тим, имаат функционална веб-страна, работат со неколку производители на ДВД-а, и без сомнеж се најдобриот извор за ДВД-а на интернет.
И Рид и Рандолф некако истовремено се согласуваат дека Нетфликс има вистински потенцијал, и дека може да се направат многу повеќе пари. Ова е и моментот што Рандолф го користи за да му предложи на Рид дека треба да се отарасат од единствениот профитабилен дел од нивниот бизнис - продажбата на ДВД-а.
„Мора да најдеме начин да излеземе од продажбата на ДВД-а. Тоа што истовремено изнајмуваме и продаваме ДВД-а ги збунува нашите муштерии и непотребно ја комплицира целата операција. Ако не се продаваме, Амазон ќе не уништи на секое поле. Мислам дека сега е моментот кога треба да напуштиме. Да се фокусираме на изнајмување,“ објаснил Рандолф.
Малку кошкање и Рид се согласува на ова, под услов претстојното лето да ги добијат инвестициите кои им се неопходни.
Во тоа време, само 3% од вкупните приходи на компанијата доаѓаат од изнајмување.
До крајот на повратниот лет од Сиетл тие веќе се решени дека нема да му се продадат на Амазон, дека Рид внимателно и културно ќе го одбие Безос, затоа што и во иднина ќе треба да соработуваат со него, и дека ќе се фокусираат на изнајмувањето видео содржини.
20 години подоцна Нетфликс ја заврши 2018 со приходи од 15,8 милијарди евра и 154 милиони корисници.