Како почна:
Хали Велч е млада, ведра и шармантна девојка од една американска недојдија од 700 жители во Тенеси, чиј одговор на прашањето „Кој потег нема утка кај мажи?“ го создаде највиралното меме последниве години (ако не го знаете, изгледа сурфате на абакус) а нејзиниот живот го сврте наглавачки. Денес таа го има заштитено „брендот“, се продаваат маици и капи со „хак ту“, има менаџер за социјални медиуми, ја дружат фаци.... А симпа, приземна девојка.
Хали умееше да ја искористи популарноста и бргу отвори подкаст (Talk Tuah with Haliey Welch) кој влезе во топ 10-те најгледани на светот.
Веднаш потоа почна капитализирање на новосоздадениот „бренд“: профитабилно продавање мерчандајзинг со лого и потписи а за 30.000 долари доаѓала за отворање локали и други настани.
Некој ја има убедено дека е тоа малку и може многу повеќе. Се лансира крипто -токен $HAWK.
Нејзината монета молскавично се искачи на пазарна проценка од 500 милиони евра и уште помолскавично (за 20 минути) падна на 25, што значи дека оние кои купувале во пикот, имаат изгубено 95% од своите пари.
Тимот кој стои зад меме коинот тврди дека нема ништо со бројките и трендовите но на блокчеин нема многу криење и се виде дека тие продавале сè што имаат во најдобрите моменти, што и доведе до таквиот пад на токенот. Таквите се викаат снајпери - масовно купуваат за да дигнат цена и веднаш масовно продаваат пред цената да се урниса.
Проценките велат дека луѓе се олеснети за 50 милиони долари, дека Хали нема да се извлече туку така и дека ќе заврши зад решетки, каде ќе може долго да вежба „хак ту“.