Последното кадровско решение на Ердоган е смена на првиот човек на турската агенција за статистика, Саит Ердал Динсер, откако бројките на агенцијата покажаа дека во декември 2021 Турција ја имала највисоката стапка на инфлација од 36,1%.
За цело време на финансиските проблеми на Турција, Ердоган упорно се бори со надворешни фактори и економски законитости кои според него ја намалуваат вредноста на лирата. Пример тој ги обвинува надворешните сили дека предизвикале пад на вредноста на лирата, или дека високите каматни стапки предизвикале инфлација, што е спротивно на конвенционалното економско размислување.
Последните бројки што ги објави Динсер беа критикувани и од владата и од опозицијата. Првите се замерија дека објавените статистики ја пренагласуваат состојбата на турските економски проблеми; за вторите трошоците на живот во земјата се речиси два пати поголеми од тоа што го објавила агенцијата.
„Денес седам во оваа канцеларија. Утре може ќе биде некој друг.
Не е важно кој е директор. Можеш ли да замислиш дека стотици мои колеги ќе прифатат и ќе продолжат да молчат околу објавување на стапка на инфлација поразлична од онаа што ја пресметале?
Јас имам одговорност кон 84 милиони луѓе,“ изјавил Динсер во едно интервју на почетокот од јануари.
Бројките за инфлацијата во јануари ќе бидат објавени на 3 февруари. Процените што ги објави Ројтерс се дека за јануари инфлацијата ќе изнесува околу 47%.