Во нивното соопштение понатаму стои:
"Оваа изјава е недозволива, затоа што подразбира дека меѓу лошите луѓе нема такви кои веруваат, односно дека лоши луѓе можат да бидат само неверници.
Можеби за претседателскиот кандидат Томислав Николиќ киднаперите на авионите кои го срушија Светскиот трговски центар се добри луѓе и верници. Можеби за него бомбашите самоубијци, кои со себе водат во смрт десетици недолжни цивили, се добри луѓе и верници. Можеби за претседателскиот кандидат Томислав Николиќ е незамисливо пред редовен суд да се најдат добри луѓе, верници, обвинети за педофилија. Можеби претседателскиот кандидат Томислав Николиќ мисли дека свештеникот кој благословува воен поход е добар човек и верник.
Претседателскиот кандидат Томислав Николиќ има право да мисли така, и тоа мислење зборува за него како за човек. Но, Томислав Николиќ, како потенцијален претседател на сите граѓани, и верници и атеисти, не смее да го крши Уставот на Република Србија и да ги дели граѓаните на добри и лоши врз основа на тоа дали се тие религиозни или не. Освен што со тоа покажува дека не е компетентен за работата на претседател, тој директно и намерно ги навредува образованите и разумни луѓе кои успеаа да и' се спротивстават на насилната и систематска индоктринација, и кои се потпираат на факти, наместо на митови.
Здружението „Атеисти на Србија" оттаму бара исправка и извинување од претседателскиот кандидат Томислав Николиќ. Истовремено, Здружението ги предупредува сите политичари, во жарот на изборната кампања, да не ги мешаат државните работи со приватното право на поединецот да верува или не. Кршењето на член 11 од Уставот на Република Србија е толку често меѓу сите политичари, што речиси стана правило некоја приватна работа, каква што е верата, да се меша со државните проблеми. Се занемарува тоа дека живееме, барем на хартија, во секуларна држава, и дека имаме Устав кој тоа би требало да го регулира", се наведува во соопштението.