Патот на Влајковиќ до НАСА, почнува со грантот од 700.000 динари од Фондот за Млади таленти на Србија, потоа оди преку стипендијата за докторските студии на Техничкиот универзитет во Цирих (ЕТН), по што завршува со прибирање средства за неговиот проект со НАСА.
Влајковиќ, кој навистина бил запишан на Факултетот за Физика, никогаш не го завршил истиот и има положено само 7 испити.
"Чудото од студент" составил список од 25 предмети и на сите запишал дека ги положил со 10-ка. На списокот го фалсификувал потписот и печатот на Продеканот за настава на факултетот, доцент др. Иван Дојчиновиќ. Со овој документ, тој конкурира и ја добива стипендијата од 6.300 евра.
Се претпоставува дека истиот овој фалсификат му помогнал да стигне и до докторските студии на Технолошкиот факултет во Цирих.
Сето ова некако би поминало доколку Влајковиќ медиумски не се експонирал, со што го привлекол вниманието на вработените во Факултетот.
Прво Влајковиќ го "отцинкариле" неговите колеги од студиите, а потоа и самиот продекан за настава се заинтересирал како студентот со замрзнат статус успеал да стигне до стипендијата од Фондот за млади таленти.
Белградскиот факултет испратил известување до колегите во Цирих, а дополнително треба да се види што ќе се случи со барањето на Влајковиќ до државните институции за донација од 20 до 100 илјади евра, колку што барал за изработка на првиот српски сателит.