Грција наликува на предвоена Германија

Економски колапс, масовна невработеност, униформирана паравојска, улично насилство, политички атентати и апсење на пратеници. Грција разурната од еврото почнува да морничаво да наликува на Вајмарска Германија.

Измачената влада во Атина уапси 5 заменици и 15 други активисти на фашистичката партија Златна Зора, вклучувајќи го и лидерот Николаос Михалолиакос. Грчкиот устав не дозволува директно забранување на партии, но властите успеаа да го заобиколат тоа класификувајќи ја Златна зора како криминална организација и поврзувајќи ја со убиството на еден левичарски музичар од пред 11 дена.

Деновиве толку слободно го користиме зборот "фашист" што речиси го има изгубено своето значење. Ако се спротивставуваш на имиграцијата, тогаш си фашист, ако ја критикуваш ЕУ тогаш си фашист, ако победуваш во расправа со левичар, порано или подоцна, ќе те наречат фашист.

Оваа тенденција не е нова, иако веројатно е засилена од интернетот. Џорџ Орвел, пишувајќи во време кога на власт навистина имаше фашистички режими, забележа дека "зборот фашизам сега нема никакво друго значење, освен што означува 'нешто што не е пожелно.'"

Како последица на ова се обидуваме да најдеме адекватен вокабулар за да опишеме бескрупулозна, оверена неонацистичка партија како што е Златна Зора, грчкото политичко движење кое освои 7% од гласовите на минатогодишните избори.

Златна зора е фашистичка партија по учебник, по својата структура, по својата идеологија и своето однесување. Таа е антидемократска и фаворизира авторитарна држава управувана од силна рака. Таа со задоволство гледа кон 30-те години, и диктатурата на генералот Метаксас, кој ги забрани политичките партии, ги забрани штрајковите и го цензурираше печатот. За сиромаштијата во Грција ја обвинува имиграцијата - што е до некаде необично, бидејќи земјата сега е главен извозник на луѓе. Повеќе нејзини подржувачи се вклучени во најдиректен анти-семитизам: еден од нејзините пратениците, кој го бара полицијата по напад на една пратеничка, се бранеше себе си цитирајќи од Протоколот на зионските мудреци (една од најстарите антисемитски книги која го опишува еврејскиот план за глобална доминација) и обвинувајќи дека тој е жртва на еврејска завера.

Како и секоја достојна фашистичка партија, Златна зора ја презира слободната економија и приватната сопственост. Тие флертуваа со паганизам, отфрлајќи го христијанството како застарен и еврејски систем на верување, за потоа да ја сменат тактиката и воинствено да ја прифатат православната црква. Нејзините членови беа дел од бројни дела на политичко насилство и, како Нацистите во дваесеттите, успеаа да воспостават врски со елементи во полицијата и вооружените сили. Амблемот на партијата сомнително личи на свастика. Златна зора инсистира дека знакот е еден од геометриските мотиви што се среќаваат на класичните мозаици. Меѓутоа обичните членови на партијата не се толку внимателни, често веејќи вистински свастики, додека отпоздравуваат со права рака.

Повеќе од 30 години, Златна зора ползеше како едно од занемарливите нацистички движења во Европа, поддржано од неколку стотици губитници со избричени глави, сместени во подрумите на нивните мајки. Тие едвај се квалификуваа да се појават на избори, обично освојувајќи околу 0,1% од народните гласови. Тогаш, во 2012-та, под бескомпромисниот слоган "Ние можеме да ја исчистиме земјава од ѓубрето," тие освоија речиси половина милион ливчиња и станаа третата партија по големина.

Што се случи? На кратко, еврото. Овој пат, метафората за грчка трагедија беше прецизно точна. Хелените минаа низ годините на лесни кредити, кога пазарите го третираа грчкиот и германскиот долг како меѓусебно заменлив. Сека тие страдаат од одмаздата: БДП-то е паднато за неверојатни 23% од времето кога го достигна врвот, 28% невработеност, Атињаните од средната класа бараат храна во кантите за ѓубре, селаните им носат храна на своите урбани роднини.

Катарзата беше вештачки спречена. Грција нема да се поправи се додека не ги подмири долговите, и не почне да кова своја валута, која ќе треба да ја добие својата цена на пазарот. Политичката класа која се смета за затворена и полу-наследна ги стави интересите на ЕУ пред се останато. Бриселскиот систем беше многу добар, лично, за грчките политичари и функционери, кои дури и сега, се заштитени од ефектите на кризата.

Не би требало да се изненадиме и ако остатокот од земјата реагира со губење на доверба во системот. Такво оддалечување е токму она на што предупредуваа противниците на еврото, кога тоа беше предложено.

Апсењето на петте членови, се справува со ужасен симптом, но ја остава болеста без третман. Затворањето на Златна зора нема да ја намали привлечноста на нивната порака, ништо повеќе отколку што апсењето на Нацистите во 1924-та не го спречи нивниот раст. Некои Грци ја поздравија одлуката, но други гледаат скриена политичка каста која ги штити своите интереси. Запрашан за коментар за апсењето, преморениот премиер Антонис Самарас изјави: "Правда, стабилност, без избори." Овие зборови може да служат како перфектен евро слоган, тие објаснуваат зошто толку многу Грци воопшто беа притиснати да ги поддржат екстремистите.

Вчера Грците разговараа за гласините дека апсењата се направени за да се спречат пратениците од Златна зора да дадат оставка на своите места и со тоа да предизвикаат лавина од избори. Економската криза се претвори во криза на демократијата.

Дали се сеќавате зошто беше создадено еврото? Неговите поддржувачи дадоа две причини. Прво, тоа ќе направи оние кои го користат да бидат побогати, и второ, дека тоа ќе ги направи подобри земјите кои го користат. Во овој случај, тоа предизвика непотребна сиромаштија и емиграција низ јужна Европа, и сега ја разјадува демократијата. Што друго треба да се случи пред елитите во Брисел да прифатат дека погрешно постапиле?

Даниел Ханан,
Телеграф

30 септември 2013 - 16:03