Свинска кременадла

Потребни состојки:

  • 230 г прочистен путер (ќе објаснам)
  • китка свежа жалфија
  • 110 г урми
  • 4 кременадли
  • 60 мл јаворов сируп
  • 60 мл бренди
  • 110 г путер
  • рузмарин
  • 110 г суви јаболка (крукчиња)
  • 1 стапче ванила
  • 2 лажици брашно

Првата асоцијација за свинска кременадла ми се деновите кога бев основно. Цел ден во училиште, за ужинка имаш 50 ден., кои треба многу рационално да ги искористиш, како на пример бурек со месо и јогурт. Одморот почнува во 9:05 ч, а тебе цревата ти кркорат од 7:35 ч. По завршениот училишен ден, мртов гладен се враќаш дома и се разбира ручекот го чекаш бидејќи мајка ти тукушто почнала да го спрема. Ок, ќе почекам, ништо страшно, за наеднаш да допре до тебе оној мирис на пржено свинско, поточно кременадла. Кременадла и пржени компири, ах детство.

Овојпат кременадлата ќе ја спремам на посебен, но и малку посложен начин, со многу состојки за кои не би ни поверувале дека може да одат едно со друго.

Да не должам многу, еве ги потребните состојки.

Чекори за подготовка:

  1. Како се прави прочистен путер? Јас го нареков прочистен, ако ве збунува и ви е полесно на англиски тогаш е clarified butter. Ставете го путерот во сад на пониска температура. При самото топење на површината ќе се појави пена, извадете ја.



    Внимателно претурете го путерот во друг сад со тоа што на дното од првиот ќе ги оставите млечните масти. Мастите се причина кога путерот ви гори и добива кафеавкаста боја, а и на вкус е поинаков. Вака се прочистува путер и него може да го чувате во ладилник со месеци, а и да готвите на високи температури.
  2. Во мал сад ставете вода и почекајте да зоврие. На страна припремете мал сад со вода и мраз во него. Ова е припрема за бланширање (шокирање) што се користи за кој било зеленчук, во случајов ќе ја искористиме за жалфијата. Оваа постапка се применува за омекнување или за делумно готвење или за отстранување јаки вкусови. Во зовриената вода ставете 12 листа жалфија и чувајте ги 30 секунди. Веднаш извадете ги иставете ги во водата со мраз. Вака го стопираме процесот за да не продолжи да се готви. Исушете ги листовите жалфија на некоја крпа или пак на хартиен бришач за раце. Нека бидат убаво легнати и исправени.
  3. Земете ги урмите и изблендирајте ги што е можно повеќе за да добиете пире смеса. Со мало лажиче ставете од смесата на пола лист од жалфија и преклопете со останатата половина. Тргнете ги на страна, ќе ги употребиме покасно.
  4. Пржење на кременадлите. Загрејте ја убаво тавата. Ставете една лажица од прочистениот путер и пржете ја кременадлата по 1 минута од секоја страна сè додека не добие златна боја. Во меѓувреме вклучете ја рерната на 200 Ц.
  5. Ставете малку од јаворовиот сируп, не цел бидејќи треба да ви остане за останатите 3 кременадли, и почнете да ја карамелизирате кременадлата. Со лажица собирајте ја течноста и полевајте врз кременадлата додека не добие убава боја. Ставете малку и од брендито и пробајте да го запалите. Внимавајте на овој процес, може да биде малку опасен. Кога ќе згасне оганот, тргнете ја кременадлата од тавата, ставете ја на страна. Избришете ја тавата со хартиен бришач. Повторете го истото со останатите кременадли.
  6. Ставете ги кременадлите на решетката од вашата рерна и одоздола ставете ја тавата. На секоја кременадла ставете путер и попрскајте со рузмарин и ставете неколку листа жалфија. Печење 3-5 минути.

  7. Подготовка на сувото јаболко. Сета течност што се собра во тавата додека се печеа кременадлите ќе ја ставите во посебен сад и додајте малку путер. Стапчето ванила исечете го по должина, извадете ги малите црни семиња и ставете ги во садот. Ставете го да се загрее и во истото ќе ги пржите јаболката, кои претходно ќе ги извалкате во брашно. Убаво испржете ги од двете страни.

  8. Во истиот сад пропржете ги неколку секунди листовите жалфија што ги наполнивме со пире од урма.
  9. Ставете неколку јаболка во чинија за служење, одозгора кременадлата и неколку жалфии. Послужете.

: