Ник Кејв како воинот на коњ

Не знаеме дали ќе му стават плочка, но наскоро во градот Варакнабил во Австралија ќе се издигне статуа на славниот музичар качен на коњ и прекриен само со „прометејски“ чаршаф. Знак дека не сме толку лоши во извезување идеи, кои додуша никој не признава дека се наши.

Варакнабил, гратче од само 2400 жители, може да се пофали со мал број знаменитости - Музеј на земјоделска машинерија, и тридневен велигденски фестивал. Но локалците сметаат дека уште една атракција би можела да им донесе повеќе посетители - бронзена статуа на Кејв, со запален факел во раката и качен во воен стил на коњ, кој стои на две нозе.

За поставувањето на статуа на Кејв тому во овој град има добра причина - тој е роден тука на 22 септември 1957, а во него поминал и дел од детството додека не се преселил во малку поголемиот град Вангарата. Идејата за споменик тлеела уште од средината на 1990-тите, кога скулпторот Корин Џонсон случајно се сретнал со Кејв и остатокот од неговиот бенд во еден лондонски клуб. Тогаш поранешниот менаџер на Бед сидс ја предложил статуата и нејзиниот изглед, додуша како зафрканција.

Но Варакнабил ова го сфатил сериозно. Единствен проблем се парите, но уметничкиот совет на градот е уверен дека може да ги собере со кампања. До сега се направени само макети од идниот споменик, кој се опишува како „Луј 14-ти во комбинација со духовен отпадник“. Кејв наводно рекол дека изгледа како „прилично убаво парче хомоеротска уметност“.

Цената на статуата се проценува на околу 200.000 американски долари. Доколку останат пари тие ќе бидат употребени за основање на младинска уметничка фондација, која би ги носела имињата на родителите на Кејв, Колин и Дон. Секако, можна е и некоја „понормална“ верзија од споменикот, но засега авторите не се откажуваат од оваа, бидејќи сметаат дека е доволно бизарна и контроверзна за да се врзе со ликот и делото на нивниот сограѓанин. Кампањата се очекува да почне во август. Ако не им успее, ете каде можеме да го испратиме Воинот - со оглед на тоа колку високо е поставен не можеме ни да се сетиме како точно му изгледа ликот, но веруваме дека со малку фантазија и доволно стимуланси може и да ни заличи на Кејв. 

21 јуни 2018 - 16:26