Употребата на мобилните телефони за пристап до интернет и испраќање слики и видеа доживеа бум во последниве неколку години. Организаторите најавија дека очекуваат илјадници гледачи истовремено да споделуваат моменти од Олимписките игри и со право ја нарекоа „Олимпијада на социјалните медиуми".
Но најверојатно се покајаа што ги охрабруваа гледачите да споделуваат што повеќе информации за Олимписките игри на социјалните мрежи и сега ги замолија да не го прават тоа.
Британците имаа голема надеж во своите велосипедисти, но останаа разочарани од нивните слаби резултати на саботната трка, но уште поголемо беше разочарувањето од мизерниот ТВ пренос.
Гледачите излегоа во огромен број на улиците на Лондон за да ги поздрават велосипедистите, но истовремено ја искористија шансата да ги споделат овие олимписки моменти на социјалните мрежи. Тоа доведе до преоптоварување на мрежата што влијаеше на GPS навигацискиот систем со кој се следеа натпреварувачите, па така ниту гледачите на ТВ екраните, ниту пак коментаторите имаа увид во времињата на велосипедистите и заостанувањето зад водечките.
„Ако сакате да испратите нешто ние нема да ви забраниме, но не морате да го правите тоа освен ако не е итно", изјави портпаролот на Меѓународниот олимписки комитет.