Суспензија за сите учесници во скандалот

Сите осум натпреварувачки во бадминтон кои калкулираа на своите натпревари и не сакаа да победат за да ги избегнат посилните противници во следаната фаза се дисквалификувани!

Големиот скандал на Олимписките игри во Лондон за кој пишувавме утрово доби неочекуван епилог. Сите четири парови во женска конкуренција се дисквалификувани. Помеѓу нив се главните фаворитки од Кина, два пара од Јужна Кореја и еден од Индонезија.

Четирите парови имаа обезбедено пласман во следната рунда па си дозволија да калкулираат со резултатите за во четврт-финалето да добијат полесни противници.

Кинескиот пар Ју Јанг и Ванг Џиаоли кои се први фаворитки на овој турнир сакаа во следната фаза да ги избегнат своите сонароднички, но истото го посакуваа и нивните противнички од Јужна Кореја. По долго измачување со намерни промашувања и гаѓање на мрежата, победија Јужнокореанките, но наместо аплауз, сите учеснички на овој натпревар беа испратени со свирежи од публиката.

Истото сценарио се повтори и подоцна на натпреварот помеѓу паровите Полии-Јахуари од Индонезија и Јунг-Минг од Јужна Кореја. Победничките од овој дуел во следната фаза се среќава со првите фаворитки од Кина и нормално никој не сакаше да победи.

Главниот судија на овој натпревар дури влезе и на теренот и им подели црни картони за дисквалификација, но по долго протестирање, тој ја повлече одлуката и натпреварот продолжи, а на крајот победија Јужнокореанките.

1 август 2012 - 14:15