Бадминтон парови од Кина, Јужна Кореја и Индонезија беа исвиркани од гледачите на вчерашните натпревари. Четирите парови имаа обезбедено пласман во следната рунда па си дозволија да калкулираат со резултатите за во четврт-финалето да добијат полесни противници.
Кинескиот пар Ју Јанг и Ванг Џиаоли кои се први фаворитки на овој турнир сакаа во следната фаза да ги избегнат своите сонароднички, но истото го посакуваа и нивните противнички од Јужна Кореја. По долго измачување со намерни промашувања и гаѓање на мрежата, победија Јужнокореанките, но наместо аплауз, сите учеснички на овој натпревар беа испратени со свирежи од публиката.
Истото сценарио се повтори и подоцна на натпреварот помеѓу паровите Полии-Јахуари од Индонезија и Јунг-Минг од Јужна Кореја. Победничките од овој дуел во следната фаза се среќава со првите фаворитки од Кина и нормално никој не сакаше да победи.
Главниот судија на овој натпревар дури влезе и на теренот и им подели црни картони за дисквалификација, но по долго протестирање, тој ја повлече одлуката и натпреварот продолжи, а на крајот победија Јужнокореанките.
Организаторите и судиите ветија итен состанок на кој ќе се дискутира за евентуална дисквалификација, а учесничките се правдаа дека се чувале за во следната фаза.