Ред Бул доминира во Формула 1 со помош на супербрз интернет

За успехот на Ред Бул во Формула 1 не се заслужни само возачите и механичарите, туку и тим на инжинери одалечен на илјадници километри кој анализира стотици гигабајти на информации за време на трката.

Кога компанијата Ред Бул го купи тимот на Јагуар рејсинг од Форд во 2004-та година, истиот беше пред пропаѓање. Во петте години колку што беше под закрила на Форд, возачите од Јагуар немаа освоено ниту една трка, а најдобриот пласман го имаа во 2004-та година кога на рангирањето на конструкторите се пласираа на седмата позиција од 11 екипи.

Со новото име Инфинити Ред Бул рејсинг, тимот сега доминира во Формула 1, слично како и Ферари со Шумахер на почетокот од овој век. Ред Бул ја освојува двојната титула во конкуренција на возачи и конструктори секоја сезона од 2010-та година.

Но за овој успех не се заслужни само возачите, туку и напредоното инженерсто и начинот на кој што тимот ги користи податоците.

Зад секоја победа на Ред Бул се кријат 100 гигабајти податоци. Секој болид има околу 100 сензори кои собираат податоци за температурата, забрзувањето, вртежите и многу други параметри.

Овие податоци им се достапни на инженерите крај патеката, но исто така во реално време им се достапни и на тимот на инженери во оперативниот центар на Ред Бул во Велика Британија. Според шефот на информацискиот центар, ниту еден друг тим во Формула 1 нема капацитет да го прави тоа.

Главните операции на Ред Бул се одвиваат во една просторија без прозорци во англискиот град Милтон Кинс. Во неа 24 аналитичари зад своите монитори во четири редови го проучуваат секој податок. Експерти од различни полиња ги анализираат податоците и се во постојан контакт со механичарите крај патеката и со самите возачи.

Резултатот е драматично зголемување на времето на реакција. На последната трка од минатата сезона, Себастијан Фетел за малку ќе ја загубеше титулата по сударот со друг болид. Сепак тимот одлучи тој да продолжи да вози откако инженерите крај патеката и оние во Милтон Кинс набрзина ги анализираа податоците и заклучија дека оштетувањата не се многу големи. Фетел заврши на шестата позиција, доволно за освојување на шампионската позиција.

Ова не би било возможно до пред неколку години, а овој вид на комуникација и трансфер на податоци деновиве е можен благодарение на брзиот интернет, но и умешноста на експертите од Ред Бул да ги искористат предностите кои ги нудат денешните технологии.

Викендов Формула 1 шоуто се сели во Јапонија каде ќе се вози 15-та трка од овогодинешниот шампионат каде Ред Бул повторно доминира. Сите очи ќе бидат вперени кон возачите на Ред Бул на патеката во Сузука, додека зад своите монитори во Милтон Кинс ќе седи една мала група на луѓе која е клучна за тимскиот успех. Брзината на колите не е единствената брзина која е важна деновиве во Формула 1.

8 октомври 2013 - 15:19