Пред две години местел мечеви за пари, а сега е во полуфинале на Ролан Гарос

Италијанскиот тенисер Марко Чекинато го направи најголемото изненадување на Ролан Гарос откако го совлада Новак Ѓоковиќ во најдобриот меч на турнирот досега, и се пласираше во полуфинале.

„Ова не е сон“, кажа во вторникот вечерта на теренот Сузан Леглен 72-от рекет на светот Марко Чекинато, штотуку влезен во полуфинале на најпознатиот турнир на светот. „Сигурни ли сте“? - дополнително праша 25-годишниот Италијанец по фантастичната победа над Новак Ѓоковиќ.

Новак и Чекинато во првото четвртфинале на денот играа на вториот терен, но мечот стана најдобар одигран во Париз годинава.

Апсолутниот аутсајдер Чекинато никогаш претходно не поминал повеќе од прво коло на „Гренд Слем“. Годинава стигна на своето дебитантско четвртфинале во совршено расположение: Во четвртото коло првпат совлада играч од Топ10 кога славеше против Давид Гофан со што се ослободил од тремата во најважните моменти од мечевите.

Авторитетот на Ѓоковиќ воопшто не беше притисок за Чекинато иако Србинот изјави дека двајцата спарингувале заедно многу години во Монако кога Чекинато бил во академијата на Рикардо Пјати. „Трениравме и на тврда подлога и на земја. Годинава пред Мастерсот во Монако исто трениравме заедно“, изјави Новак.

После големиот триумф против Ѓоковиќ синоќа, Чекинато во солзи изјави дека после Ролан Гарос ќе му треба пауза за да види што и како понатаму затоа што неговиот живот веќе нема да биде ист. И тоа без претерување.

***

Пред половина месец Чекинато во својата деветта година од професионалната кариера имал само четири победи. Неговите најдобри резултати се неколку триумфи на Челенџери, на ATP турнирите еднаш стигнал до четвртфинале а на Гренд Слем се појавил 13 пати: во девет случаи не ги поминал квалификациите а четири пати испаѓал во прв круг.

На турнирот во Будимпешта на крајот од април Чекинато кој тогаш бил на крајот од Топ 100 играчи на светот, изгубил во квалификациите но влегол во главна фаза каки лаки-лузер и таму изненадил: победил четворица подобро рангирани противници и првпат освоил титула на ATP.

Чекинато станал деветиот шампион на турнир на кој не ги поминал квалификациите (последни тоа го направиле Андреј Рублев и Леонардо Мајер лани). Благодарение на славјето во Унгарија Чекинато првпат стигнал до Топ 50, а до Ролан Гарос успеал да победи и противник од Топ 20 (бројот 19, Фоњини во Минхен) што било доволно за пласман во квалификациите на Ролан Гарос.

До големото полуфинале во Париз доспеа по неверојатните триумфи над Маурис Копил, Трунгелити, Карено Буста, Гофан и Новак Ѓоковиќ.

На обете прес-конференции Марко Чекинато иако бил добро расположен, одбивал да зборува за најголемите ујдурми во неговата кариера - епизодите со наместени натпревари од 2016 година.

„Не сакам да зборувам за тоа. Извинете навистина“, одговори Чекинато синоќа на новинарско прашање да ја каже својата верзија за „мештаљките“.

***

Во пролетта 2016 се дозна дека Италијанската тениска федерација која е позната како агресивна во однос на тениската корупција, го фатила Чекинато на дело. Тој бил обвинет дека местел натпревари на турнири во Мароко неколку месеци претходно и давал доверливи информации за обложување.

Се работело за четвртфинале на еден Челенџер кој Чекинато тогаш како играш од Топ90 го изгубил од 332. рекет на светот Камил Мајхржак и тоа во само еден час.

Сомнежот паднал не само од поразот на Чекинато туку и од необично големите кладби за победа на Мајхржак кој бил тотален аутсајдер. Осдвен тоа, на победа на Мајхржак во втор сет пари ставиле и другарот на Чекинато Рикардо Акарди и неговиот татко Фабрицио (ставиле неколку тикети по 800 евра иако до тогаш уплаќале по 50-100 евра).

Во текот на истрагата полицијата во телефонот на Акарди нашла негова преписка со Чекинато: на неколку недели пред дуелот со Мајхржак тенисерот рекол дека изгубил околу 2.000 евра на дуел од италијанската фудбалска лига но може да си ги врати ако „му се даде шанса на мароканскиот противник“. Кога Акарди го прашал: „Кој Мароканец?“ - Чекинато одговорил: „Да, никој. Ти не сфати? Ништо, батали тогаш“ после што ја избришал преписката од својот телефон.

Извештајот од истрагата на италијанската федерација имал 47 страници. Во него се зборува и дека Чекинато купил повратна карта за дома од Мароко уште пред мечот со Мајхржак.

Освен тоа, Чекинато бил обвинет и дека пред мечот на Ролан Гарос меѓу неговиот сонародник Андреас Сепи и Џон Изнер му соопштил на Акарди дека Сепи влече некоја незгодна повреда па побрзо да уплати на негов брз пораз.

Чекинато ја негирал вината по сите точки, рекол дека не местел натпревари а дека за физичките проблеми на Сепи знаеле и новинарите.

Истото лето италијанската федерација го прогласила Чекинато за виновен и му изрекла 18-месечна дисквалификација и парична казна од 40.000 долари. Судот подоцна му ја скратил суспензијата на една година.

Во текот на новите рочишта Чекинато продолжил да игра турнири и признал дека едно време се понел непрофесионално и дека одамна веќе не размислува на такви дејствија.

***

Пола година подоцна во Париз на главниот турнир во неговиот живот Чекинато им кажал на италијанските новинари дека може после турнирот да раскаже што се се случувало со сомнителните мечеви но не сака сега затоа што се „насладува на фантастичниот момент“.